Ask.com, пребарувачот кој во своите почетоци беше познат под името „Ask Jeeves“, официјално престана со работа. Оваа одлука доаѓа од матичната компанија IAC, која најави дека го укинува својот бизнис за пребарување со цел да го стесни и фокусира своето оперативно делување. 

Според соопштението објавено на нивната веб страна, по 25 години одговарање на прашања од корисниците ширум светот, сервисот е трајно затворен на 1 мај 2026 година.

„До милионите што прашаа… Длабоко сме благодарни на брилијантните инженери, дизајнери и тимови што го изградија и го поддржаа Ask во текот на децениите. И до вас – милионите корисници што ни се обратија за одговори во брзо менувачкиот свет – ви благодариме за вашата бескрајна љубопитност, вашата лојалност и вашата доверба. Духот на Џивс опстојува.“

Сервисот започна како платформа која се издвојуваше по можноста корисниците да поставуваат целосни прашања користејќи природен јазик, наместо само поединечни клучни зборови. 

Овој пристап, кој во тоа време беше заштитен знак на маскотата на сајтот, виртуелниот батлер Џивс, на многу начини претставуваше ран концепт на она што денес го нудат современите „четботови“ базирани на вештачка интелигенција. 

Иако компанијата го ребрендираше сервисот во Ask.com уште во 2006 година, по купувањето од страна на IAC, основниот идентитет на платформата остана поврзан со нејзиниот оригинален формат.

Со затворањето на ask.com, дигиталниот простор губи уште еден препознатлив сервис од своите рани денови. Платформата сега им се придружува на другите одамна затворени пребарувачи како AltaVista, означувајќи го постепеното исчезнување на генерацијата интернет услуги кои ги поставија темелите за начинот на кој денес се пребаруваат информациите.