Фото: Макпетрол

Во основното училиште „Гоце Делчев“ во Општина Центар денес беа доставени прирачниците за справување со врсничкото насилство, изработени како дел од општествено одговорната кампања на „Макпетрол“ – „Крени глас против врсничко насилство“. Како дел од соработката со Министерството за образование и наука, компанијата почна да ги доставува прирачниците до основните училишта низ земјата, со цел да обезбеди практична поддршка за наставниците, стручните служби, учениците и за родителите.

Материјалот е изработен од психологот Деспина Стојановска, која ги предводеше едукативните работилници со учениците во рамките на кампањата. Во повеќе од 150 основни училишта во 26 општини беа одржани 620 работилници, на кои присуствуваа над 18.000 ученици, а искуствата од овие средби беа основа за подготовка на прирачникот.

– Овој прирачник не е создаден само врз основа на теорија, туку пред сè, врз основа на директна работа со учениците. Во текот на работилниците имавме можност одблизу да слушнеме како децата размислуваат, како комуницираат, со какви предизвици се соочуваат и што им е потребно за да се чувствуваат побезбедно во училишната средина. Токму затоа, прирачникот е замислен како практична алатка што ќе им помогне на наставниците, психолозите, педагозите и на другите вработени во училиштата полесно да го препознаат врсничкото насилство и поефикасно да реагираат – изјави психологот Деспина Стојановска.

Прирачникот на „Макпетрол“ е објавен преку издавачката куќа „Арс Ламина“. Материјалот ги помина сите процеси на одобрување од Бирото за развој на образованието, како и од Министерството за образование и наука, кое ја поддржа оваа активност на македонската компанија. Освен на македонски, прирачникот е објавен и на албански, турски, српски и на босански јазик.

Фото: Макпетрол

„Овој прирачник е навистина содржаен, со јасни пораки и насоки за справување со ситуации во кои е детектирано врсничко насилство. Ценам дека ќе биде корисна алатка за наставниците и за стручните соработници во училиштата за надминување на предизвиците од ваков тип и за градење на мирна училишна средина во која ќе има толеранција и разбирање меѓу младите“, рече Елена Ивановска, државен секретар во Министерството за образование и наука, изразувајќи благодарност до компанијата „Макпетрол“ за успешната имплементација на кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ и за издавањето на прирачникот, кој, всушност, е плод на оваа општествено одговорна активност.

Кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ изминативе две години значително го зголеми интересот на јавноста за овој сериозен проблем. Освен работилниците за ученици, беа организирани и 17 работилници за родители, на кои присуствуваа повеќе од 3.000 лица. Се одржаа и два големи отворени настани, беа испечатени и доставени едукативни материјали во над 10.000 примероци, а интернет-страницата kreniglas.mk и натаму функционира како платформа со информации за подобро разбирање и препознавање на булингот.

Општествената одговорност, со особен фокус на децата и младите генерации, и во иднина ќе остане една од најзначајните стратешки цели на „Макпетрол“.