OpenAI, го претстави својот прв хардверски производ наречен Codex Micro. Станува збор за минијатурна тастатура со цена од 230 долари, дизајнирана да функционира како асистент при програмирање за корисниците на алатката Codex. Уредот е развиен во соработка со компанијата за хардверски дизајн Work Louder и има за цел да ја олесни навигацијата и извршувањето на задачите при пишување код.
Новиот додаток се одликува со компактен дизајн кој вклучува 12 физички копчиња, ротирачки бројчаник и аналоген џојстик. Според производителот, овие елементи овозможуваат значително поедноставно преминување од една во друга задача, додека џојстикот може да послужи и како алатка за релаксација додека корисниците чекаат системот да ги процесира информациите. Поврзувањето со компјутерите се одвива преку стандардна USB-C порта или безжично преку Bluetooth.
Лансирањето на овој производ доаѓа неполна недела откако Apple поднесе тужба против OpenAI. Во тужбата се наведува дека креаторот на вештачка интелигенција дошол до хардверски тајни преку ангажирање на поранешни вработени од компанијата во Купертино. Од OpenAI ги отфрлија ваквите тврдења, нагласувајќи дека нема докази за нивната основаност и дека компанијата останува посветена на фер конкуренција, како и на слободата на технолошките кадри сами да го избираат своето работно место.
Покрај оваа тастатура, OpenAI активно работи на развој на уште еден хардверски уред во соработка со поранешниот дизајнер на iPhone, Џони Ајв. Идниот производ се очекува да биде паметен звучник без екран, опремен со камери и дополнителни сензори кои ќе му овозможат да ја анализира околината на корисникот. Неговото претставување се очекува во текот на 2027 година.







































