Anthropic објави два нови модели, Claude Fable 5 и Claude Mythos 5, кои припаѓаат на новата „Mythos” класа, ниво што компанијата го позиционира над досегашната Opus класа по способности. Fable 5 е првиот модел од оваа класа што е безбедно прилагоден за општа употреба и од денес е достапен насекаде, додека Mythos 5 е наменет само за избрана група партнери, како што беше случајот со Mythos Preview.
Според Anthropic, способностите на Fable 5 ги надминуваат сите модели што компанијата досега ги направила јавно достапни. Моделот е „state-of-the-art” на речиси сите тестирани мерила за способности на вештачката интелигенција, со особено силни резултати во софтверско инженерство, истражувачка работа, обработка на слика и научни истражувања. Колку е подолга и посложена задачата, толку е поголема предноста на Fable 5 над другите модели.
Сепак, ваквата моќ носи и ризици. Anthropic објаснува дека без заштитни механизми, способностите на Fable 5 во области како сајбербезбедноста би можеле да се злоупотребат за сериозна штета. Поради ова, моделот е лансиран со нов систем на „класификатори”, посебни системи кои детектираат потенцијална злоупотреба и наместо Fable 5, одговорот го презема следниот најспособен модел, Claude Opus 4.8.
Овие заштити покриваат три области, сајбербезбедност, биологија и хемија, како и обиди за „дестилација”, односно извлекување на способностите на моделот за тренирање конкурентни модели. Компанијата признава дека заштитите се намерно поставени построго отколку што е идеално, па понекогаш ќе реагираат и на безопасни прашања.
Сепак, според нивните податоци, ова се случува во помалку од 5% од сесиите, а корисниците секогаш ќе бидат известени кога одговорот го презема Opus 4.8.
Mythos 5 пак, е истиот основен модел, но со олабавени заштити во некои области. Тој најпрво ќе се дистрибуира преку Project Glasswing во соработка со американската влада, како надградба на постоечкиот Mythos Preview. Anthropic тврди дека Mythos 5 ги има најсилните сајбербезбедносни способности од кој било модел во светот, па затоа пристапот е ограничен само на „сајбер-бранители“ и даватели на критична инфраструктура.
Резултатите што компанијата ги наведува се импресивни. Во раното тестирање, Stripe пријавил дека Fable 5 збил месеци инженерска работа во само неколку дена, а во кодна база од 50 милиони линии Ruby код, моделот за еден ден извршил миграција што на цел тим би му одзела повеќе од два месеци рачна работа.
Особено интересен е напредокот во науката. Со помош на Mythos 5, внатрешните експерти на Anthropic за дизајн на протеини го забрзале процесот на дизајн на лекови за околу десет пати. Моделот станал и првиот од Anthropic што постојано произведува нови, уверливи научни хипотези, а во „слепи” споредби со моделите од Opus класата, научниците ги претпочитале хипотезите на Mythos во молекуларна биологија во околу 80% од случаите.
Цената на двата модела е поставена на 10 долари за милион влезни и 50 долари за милион излезни токени, што е помалку од половина од цената на претходниот Mythos Preview.
Што се однесува до достапноста, Anthropic предупредува дека очекува многу високо побарување кое е тешко да се предвиди. Затоа, за претплатничките планови (Pro, Max, Team и Enterprise) моделот се воведува постепено, а од денес до 22 јуни ќе биде вклучен без дополнителни трошоци, по што пристапот ќе бара кредити за употреба сè додека капацитетот не дозволи целосно враќање на стандардните планови.







































