Фото: NASA

Американската вселенска агенција NASA ги претстави четворицата астронаути кои ќе бидат дел од мисијата Artemis III, планирана за 2027 година. Овој тест лет во ниската орбита на Земјата е клучен чекор во подготовките за мисијата Artemis IV, која во 2028 година треба да однесе човечки екипаж на Јужниот пол на Месечината, а следи по историската Artemis II мисија.  

За време на мисијата, ракетата SLS (Space Launch System) ќе го лансира леталото Orion од вселенскиот центар Кенеди во Флорида.

Екипажот го сочинуваат командантот Ренди Бресник, мисиските специјалисти Андре Даглас и Френк Рубио од NASA, како и пилотот Лука Пармитано од Европската вселенска агенција (ESA). Ова е првпат астронаут од Европа да биде назначен за мисија од програмата Artemis. Како резервен член на екипажот е назначен Боб Хајнс. 

Астронаутите веднаш започнуваат со тренинзи за системите на леталото Orion, а истовремено ќе помагаат и во развојот и операциите на тест верзиите на „слетувачите“ од компаниите Blue Origin и SpaceX.

Главната цел на оваа двонеделна мисија е за првпат да се демонстрираат можностите за средба и спојување на леталото Orion со комерцијални системи за слетување во вселената. Планот предвидува прво да биде лансиран „слетувачот“ на Blue Origin, со кој Orion ќе се спои во орбитата за дводневни тестирања. Потоа леталото ќе се одвои и ќе се спои со системот Starship на SpaceX на уште еден ден, пред екипажот безбедно да се врати на Земјата со слетување во Тихиот Океан.

Администраторот на NASA, Џаред Ајзекман, истакна дека мисијата ќе бара исклучителна координација на лансирања на тешки ракети и дека овој чекор ги унапредува технологиите кои во иднина ќе овозможат патувања подлабоко во сончевиот систем, вклучително и кон Марс. Од Европската вселенска агенција посочија дека учеството на нивен пилот и користењето на европскиот сервисен модул кој го напојува Orion ја потврдуваат значајната улога на Европа во овие истражувања. 

Инженерите на NASA ова лето ќе го спојат модулот за екипаж со сервисниот модул и ќе продолжат со тестирањата на топлинскиот штит и составувањето на ракетите.