Фото: DepositPhotos

Anthropic започна со имплементација на систем за означување на содржини генерирани преку нивните Claude јазични модели. Овој потег доаѓа како резултат на потпишувањето на Кодексот за транспарентност на содржини според Законот за вештачка интелигенција на Европската Унија. 

Според новите правила, сите нови модели кои ќе бидат лансирани во ЕУ од 2 август 2026 година ќе имаат вградена поддршка за машински читливо означување од самиот старт, додека за постарите верзии поддршката е во фаза на развој.

Процесот на означување ќе се одвива преку две комплементарни технологии, во зависност од типот на содржината. За текстуалните одговори, Claude ќе вметнува незабележителен воден жиг директно во самиот текст, кој нема да влијае на значењето, квалитетот или читливоста на информациите. Овој жиг ќе остане присутен дури и кога текстот ќе се копира на друго место. 

За датотеките кои ги генерира или обработува моделот ќе се додаваат дигитално потпишани метаподатоци базирани на отворениот стандард C2PA, кои ќе можат да потврдат дали датотеката била манипулирана.

Иако овие алатки значително ја подобруваат транспарентноста, од компанијата посочуваат дека системот има одредени ограничувања кои корисниците треба да ги имаат предвид. 

Присуството на ознаката покажува само дека содржината била обработена од Claude, што не значи секогаш дека алатката е оригиналниот автор. Корисниците често го користат моделот за лекторирање или преведување на сопствени текстови. 

Од друга страна, доколку текстот е премногу краток, значително преработен или ако метаподатоците на датотеката се отстранети преку конверзија, постои можност ознаката воопшто да не биде детектирана.

Овие промени ќе важат за сите платформи каде што е достапен Claude, вклучувајќи на веб, програмскиот интерфејс за апликации и услугите преку партнерите за серверската инфраструктура како AWS, Google Cloud и Microsoft Foundry. 

Компанијата најави дека во иднина ќе објави техничка документација и алатки кои ќе им овозможат на крајните корисници и на трети страни лесно и самостојно да ги детектираат овие ознаки во дигиталниот простор.