Google Labs го претстави Tabletop, нов експеримент наменет за групи што заедно планираат патување, вечера или рекреативна лига, на пример. Наместо секој да праќа линкови и идеи во групниот разговор, сè се собира на едно место, кое Google го нарекува „простор“.
Во просторот членовите додаваат линкови, датотеки и идеи, а потоа со @tabletop бараат од асистентот да направи интерактивни „табови“. Тоа се мали веб апликации, како план за патување, анкета за вечера, пресметка на заедничките трошоци или шема за турнир со елиминации. Наместо барање може да се избере и готов шаблон, а табовите можат да се менуваат и со директно уредување на кодот.
Просторот се споделува со линк, па сите членови можат истовремено да го користат, слично како во Google Docs. Покрај табовите, има разговор со гласовни пораки и посебни нишки, како и дел за заеднички контекст со датотеките, линковите и она што асистентот го запомнил. Според прашањата и одговорите на страницата, меморијата важи само за тој простор и секој член може да ја види, измени или избрише.
Google не кажува кој модел работи во позадина, но може да се претпостави дека е некој од Gemini моделите кои се некаде во средината по способност.
Кај приватноста има неколку работи што вреди да се знаат. Google ги собира разговорите, прикачените датотеки и податоците од табовите, а дел од нив може да ги прегледуваат и луѓе, па компанијата советува да не се внесуваат доверливи информации. Тренирањето модели со тие податоци може да се исклучи, а доволно е еден член да го исклучи за да важи за целиот простор. Администраторот на просторот пак може во секое време да го избрише заедно со целата содржина.
Ова не е прв обид на Google Labs за заедничко планирање. Во септември CC доби улога на асистент за семејства до шест членови, но таму асистентот работи со Gmail и Calendar, додека Tabletop е повеќе заедничка табла за групата.
Tabletop засега е достапен само во САД, за корисници со 18 и повеќе години, преку листа на чекање. Не е познато кога ќе стигне во други земји, па и кај нас.







































