Voyager 1 во среда, 18 ноември, ќе стане првиот објект направен од човекот што стигнал на еден светлосен ден од Земјата. Според NASA, тоа ќе се случи во 5:16:07 часот по источно американско време, односно во 11:16 часот по македонско време.
Светлосниот ден е мерка за растојание, а не за време. Тоа е патот што светлината го поминува за 24 часа, а според пресметката на NASA изнесува 25,9 милијарди километри.
Тоа значи дека на радиосигналот од Земјата ќе му треба цел ден за да стигне до леталото, а на одговорот уште толку. Voyager 1 патува со околу 61.000 километри на час, а во меѓуѕвездениот простор влезе во август 2012 година.
Леталото е лансирано на 5 септември 1977 година, па до оваа граница ќе стигне по повеќе од 49 години лет. Неговиот близнак Voyager 2 тргна по друга патека за да ги посети Уран и Нептун, а еден светлосен ден од Земјата ќе стигне дури во ноември 2035 година.
NASA по тој повод организира и симболична прослава наречена „Shine Bright for Voyager’s Light-Day“. По зајдисонце во вторник, 17 ноември, ги повикува луѓето да насочат светло кон небото и со Морзеова азбука да ги испратат буквите V-G-R, ознаката на мисијата. За тоа може да се користи фенерче, телефон или автоматскиот трепкач на NASA, кој работи во прелистувачот.
Изборот на Морзеова азбука не е случаен. Златната плоча што ја носат двете летала, со музика, звуци и пораки од Земјата, содржи и порака во Морзеова азбука: „Ad astra per aspera“, односно „преку тешкотии до ѕвездите“.
Моментот доаѓа само неколку недели откако Voyager 1 два дена не се јави на закажаните проверки, а во последната објава NASA сè уште не ја знаеше причината. Леталото, на кое по исклучувањето на уште еден инструмент во април работат само два научни инструменти, сепак повторно е во врска со Земјата.
На самиот Voyager 1 ништо нема да се смени кога ќе ја помине оваа граница, па моментот е симболичен, но сепак импресивен за летало старо речиси половина век.
Патувањето на Voyager 1 продолжува во правец на ѕвездата AC +79 3888, позната и како Gliese 445, која е оддалечена 17 светлосни години од Земјата. 40.000 години се очекува да поминат додека Voyager 1 успее да стигне до оваа ѕвезда која се наоѓа во соѕвездието „Мала Мечка“.





































