Европско-јапонската сонда BepiColombo на 21 ноември треба да влезе во орбита околу Меркур, по осум години пат низ внатрешниот дел од Сончевиот систем. Според ESA, тоа ќе биде првата мисија со две летала во орбита околу Меркур во исто време.
Мисијата ја води Европската вселенска агенција во соработка со јапонската агенција JAXA. Европското летало MPO и јапонското Mio патуваат заедно, а ќе се разделат на 9 и 10 декември. Научната работа треба да почне во април 2027 година.
Меркур е најблиску до Сонцето, но токму поради тоа до него тешко се стигнува. Според ESA, силната гравитација на Сонцето ја забрзува сондата додека лета кон него, а за стабилна орбита околу Меркур е потребно повеќе енергија отколку за мисија до Плутон.

Поради ова BepiColombo, лансирана во октомври 2018 година, помина 9,9 милијарди километри и направи девет прелетувања покрај планети: едно покрај Земјата, две покрај Венера и шест покрај Меркур. Овие прелетувања ѝ помагаа да изгуби енергија и да успори, бидејќи само со моторите тоа би било исклучително тешко.
Најголемиот дел од патот го овозможи модулот MTM со јонски мотори, кои со сончева енергија го претвораат гасот ксенон во плазма. Во април 2024 година проблем со напојувањето ја намали нивната сила, па ESA мораше да ја прилагоди патеката. Моторите се исклучени во јуни, а модулот се одвои на 3 септември, на 200 милиони километри од Земјата.
Сега маневрите ги прави европското летало со своите хемиски мотори. ESA вели дека пристигнувањето не е еден настан, туку шестмесечна низа маневри, една од најсложените низи за пристигнување кај планета што агенцијата некогаш ги презела. Инструментите на MPO се вклучени во септември и според првите анализи, се во добра состојба.

BepiColombo е дури третата мисија што го посетува Меркур, по Mariner 10 на NASA, која три пати прелета покрај него во 1974 и 1975 година и Messenger, која орбитираше околу него од 2011 до 2015 година. Последното поминување на Меркур преку Сонцето, видливо од Земјата, беше во 2019 година, а следното ќе биде дури во 2032.
Меркур крие и неколку чудни работи. Иако температурата на површината се искачува над 400°C, во кратерите што се секогаш во сенка изгледа има мраз, а неговото јадро е преголемо за големината на планетата.
Еден ден на Меркур, од пладне до пладне, трае 176 земјени дена, а една година само 88.






































