За нешто помалку од две недели Apple ќе ја одржи нивната WWDC конференција која оваа година се чека со посебно внимание. Главната причина за тоа секако е приклучувањето на компанијата на трендот на генеративна вештачка интелигенција.
Досега можевме да прочитаме повеќе неофицијални информации за што е тоа што може да се очекува, а кога се во прашање овие нови функции со ВИ, се очекува дека Apple ќе има три начини на нивно овозможување.
Едниот начин е директно од самиот уред, а секако причината за тоа е приватноста на корисниците, нешто по кое се познати од Apple, барем тоа е угледот кој тие отсекогаш се труделе да го имаат.
За „четбот“ потребите се верува дека Apple веќе се имаат договорено со OpenAI, поради тоа што нивниот напредок на овој план не е доволно стигнат на нивото од конкурентите.
Информација која излезе прилично доцна се однесува и на третиот начин за овозможување на новите ВИ функции, а тоа е преку нови сервери развиени од компанијата. Тие се очекува дека ќе работат со M2 Ultra чиповите, односно ќе бидат целосно развиени од страна на компанијата.
Токму овој дел повторно се споменува во контекст на приватноста на корисниците. Според The Information, Apple целосно ќе има контрола на податоците кај овие сервери, односно на хардверот и софтверот.
Целта на компанијата е да им овозможат на корисниците приватност дури и кога користат функции преку серверите, а тоа наводно ќе го постигнат со таканаречена виртуелна црна кутија.
Податоците кои ќе доаѓаат до серверите треба да бидат заштитени од отворање од трети страни, па дури и од вработените во Apple.
Сигурен сум дека од компанијата ќе презентираат нешто вакво на WWDC, а тогаш ќе ги видиме и точните детали на нивното решение.