Microsoft започна со тестирање на најавеното ново копче „Ask Copilot“, кое го заменува Windows Search копчето на долната лента од Windows 11.
Оваа новина беше најавена минатиот месец како новиот правец во кој се носи Windows, односно во правец на поголема интеграција на вештачката интелигенција во системот и замена на глувчето и тастатурата со гласовни команди.
Ask Copilot во основа е копче кое овозможува брз пристап до Copilot и сите можности кои ги нуди оваа апликација. Корисниците можат да започнат било каков разговор преку нов кориснички интерфејс интегриран директно во долната лента, нешто слично на интерфејсот на Teams интеграцијата.
Се што може да биде извршено преку овој интерфејс ќе биде брзо извршено, а за останатите работи ќе се отвори Copilot апликацијата.

Голем дел од Ask Copilot се двете Voice и Vision копчињата преку кои корисниците ќе можат да го кажат тоа што би сакале да го напишат, односно да го споделат екранот за да добијат некаква информација.
Тоа што можеби ќе ги интересира понапредните корисници е дали оваа интеграција ќе донесе подобрување на критикуваната Windows Search функција која е тука да ги пребара вградените апликации и датотеки.
Такво нешто сигурно ќе биде резултатот, а во голем дел поради тоа што прашањата сега ќе бидат подобро разбрани поради Copilot. Од Microsoft истакнуваат дека Ask Copilot ги користи истите Windows API алатки како Windows Search и нема пристап до приватните податоци и датотеки од корисниците.
Со интеграцијата на Copilot во долната лента може да се очекува копчето за пребарување да се доближи до популарната Spotlight функција на macOS, па ќе видиме какви ќе бидат реакциите од корисниците.
Ask Copilot треба да се вклучи преку Settings, што значи дека Microsoft засега не планира да ја направи оваа главната функција за пребарување. Исто така, преку Старт менито останува пребарувањето преку Windows Search.
Ask Copilot функцијата доаѓа преку Windows Insiders програмата, односно преку новата верзија која е достапна во Dev и Beta каналите.

















