Досега „стравот“ од губење на работните места поради вештачката интелигенција обично беше од страна на тие кои пишуваат текстови, програмерите и слично. Сепак, вештачката интелигенција може да „дојде“ и по други извори на заработка, а едно од тие е на „инфлуенсерите“.
Примери за способноста на генеративната вештачка интелигенција да генерира слики ги има многу, а доколку истите се искористат од страна на луѓе што знаат што прават, резултатот може да биде тежок за распознавање.
Еден таков пример е „виртуелната инфлуенсерка“ Аитана Лопез. Нејзините профили на друштвените мрежи имаат повеќе од 200.000 следбеници, а доколку не ги прочитате информациите на профилот, нема да знаете дека не се работи за вистинска личност.
Аитана „заработува“ и по 1000 долари од објава од познати брендови за рекламирање на нивните производи, а брендовите се почесто се одлучуваат за плаќање на ваквите инфлуенсери, наместо вистинските.
Една од причините за овој тренд се пониските трошоци, а висока успешност на кампањите, како и недостатокот на можни проблеми како контроверзии и слично со „класичните инфлуенсери“.
„Бевме изненадени од вртоглавите стапки кои ги наплаќаат инфлуенсерите во денешно време. Тоа нè натера да размислуваме: „Што ако само создадеме сопствен инфлуенсер? Остатокот е историја. Ненамерно создадовме чудовиште. Сепак, убаво“. – рече Дијана Нуњез, ко-основач на агенцијата The Clueless со седиште во Барселона, која ја создаде Аитана, за Ars Technica.
Според некои, ова сепак не може да биде долгорочно решение и вештачката интелигенција сепак не може целосно да ја земе работата од луѓето.
Ова како логика може да се каже и за другите области. На пример, вештачката интелигенција може да ги замени местата на неискусните и почетници програмери, но сериозната работа сепак бара познавање и ВИ е тука само за да помогне.