По одложувањето на новата верзија од Siri, која требаше да биде пуштена изминатата пролет, останува нејасно како им оди на Apple во развојот на оваа функција, поради што веќе доста заостануваат зад конкурентите.
Новата верзија од Siri треба да биде направена на основа на веќе не толку новата генеративна вештачка интелигенција и големите јазични модели, а со тоа овој асистент ќе може да извршува многу посложени задачи.
Дел од нив вклучуваат можност за разбирање на тоа што во моментот се прикажува на екранот, разбирање на корисникот, како и можност за преземање активности низ различните апликации.
Директорот на компанијата, Тим Кук, во две различни изјави, едната за CNBC, а другата за Reuters, меѓу другото кратко говори и за развојот на Siri.
Според него, развојот останува според планот и може да се очекува идната година, односно развојот има добар напредок.
Ова секако не е многу детално, па дефинитивно ги остава можни шпекулациите дека развојот сепак не оди до толку добро, но може да се заклучи дека има доволно време за да се исправат проблемите.
Новата верзија од Siri, за која уште не знаеме дали ќе работи целосно на јазичните модели од Apple или ќе има комбинација со други, се очекува да биде пуштена со iOS 26.4 верзијата, некаде околу март или април идната година.
















