Microsoft почна да ги тестира пакетите „Cloud Playtime“, со кои играчите без Game Pass претплата можат да купат часови за играње преку „облакот“. Засега опцијата е достапна само за учесниците во програмата Xbox Insider, а според Xbox пошироко ќе биде воведена во ноември.
Цените се „воведни“, како што ги нарекува Microsoft. Пакетот од 10 часа чини 3,99 долари, 25 часа чинат 7,99 долари, а 50 часа 11,99 долари, односно од околу 40 до 24 центи за час. Купените часови не истекуваат.
Часовите не носат пристап до самите игри. Според Microsoft, потребна е купена игра што поддржува играње преку „облакот“, а само кај одредени наслови доволен е бесплатен пристап до „free-to-play“ игра. Потребен е и поддржан уред, а компанијата наведува дека достапноста, опциите за купување, игрите и функциите може да се разликуваат според пазарот, уредот, сметката и групата за тестирање.
Пакетите веројатно имаат смисла за играње на уред на кој играта инаку не може да се пушти. Според Xbox, „облакот“ им овозможува на сопствениците на Xbox One да играат игри направени за Xbox Series X|S, а апликацијата за телевизорите TCL, која треба да стигне во наредните месеци, бара поддржан контролер и часови за играње преку „облакот“.
Сепак, играчот што сака да игра без реклами плаќа двапати, еднаш за играта и еднаш за времето поминато во „облакот“. Amazon, на пример, дел од игрите на Luna ги вклучи во Prime без дополнително плаќање, иако засега само на Fire TV во САД и Велика Британија.
Пакетите се дел од промената што Microsoft ја најави во септември. Досега Game Pass претплатниците немаа месечно ограничување, а од ноември Ultimate ќе вклучува 15 часа играње преку „облакот“ месечно, Premium 10, а Essential 5 часа, поради трошоците, кои растат со бројот на корисници. Според Microsoft, ограничувањата ќе погодат 4% од претплатниците.
Кога ќе ги потрошат вклучените часови, и претплатниците ќе можат да купат дополнителни преку Xbox Store. Microsoft признава дека за дел од играчите тоа практично значи повисок трошок.
Според последниот официјален податок од ноември 2025, Xbox Cloud Gaming е достапен во 29 земји. Македонија и соседните земји не се на достапните листи, а Microsoft ќе ги објави деталите за пазарите во ноември, па не е познато дали пакетите ќе можат да се користат кај нас.






































