Фото: Google

Google објави нови функции во Chrome против „фишинг“ и други измами на интернет. Сите се дел од режимот Enhanced Protection (подобрена заштита) на Safe Browsing, кој компанијата го воведе во 2020 година, а лани соопшти дека го вклучиле повеќе од милијарда корисници.

Според Google, корисниците на овој режим се десет пати побезбедни од „фишинг“, социјален инженеринг и други измами во споредба со стандардната заштита. Сепак, бројката е пресметана според просечниот број безбедносни предупредувања што ги гледаат двете групи корисници, а тоа не е исто што и десет пати помалку успешни напади.

Првата новост се предупредувањата за сомнителни страни. Црвениот екран преку целата страна останува за страните за кои Google со голема сигурност знае дека се опасни, а сега ќе има и посебно предупредување, со друг изглед, боја и текст, за страни кај кои Google е помалку сигурен, но кои користат обрасци типични за познати злонамерни страни.

Втората новост е поширокото користење на Gemini. Лани Chrome почна да го користи Gemini Nano на самиот уред за откривање измами со лажна техничка поддршка, само на поддржани уреди. Сега Google премина на помоќен Gemini модел на своите сервери, па функцијата ја добиваат сите корисници со подобрена заштита, а покрива и лажни антивирусни програми и лажни ажурирања на прелистувачот.

Тоа значи дека дел од текстот на страните заминува кон серверите на Google. Според компанијата, тоа се случува само кога страната покажува силни знаци за измама, а текстот не се зачувува и не се користи за тренирање модели. Инаку, Gemini Nano во мај предизвика критики откако се откри дека Chrome автоматски презема 4 GB за него.

Третата новост е заштита од „ClickFix“, техника каде страната го убедува корисникот сам да копира и изврши команда на својот компјутер за да „поправи“ лажен проблем. Командата обично повикува вградени алатки како PowerShell или cmd.exe, па штетниот софтвер се презема надвор од прелистувачот и ги заобиколува заштитите на Chrome при преземање.

Chrome сега препознава кога корисникот копира сомнителна команда, ја испраќа на проверка во Safe Browsing без личните податоци и прикажува предупредување ако таа се покаже опасна. Според Google, системот е направен да им пречи што помалку на програмерите.

Google не прецизира на кои платформи и од која верзија на Chrome се достапни новите функции, туку само дека се воведени во 2026 година, а не спомнува ни регионални ограничувања.

На компјутер, подобрената заштита се вклучува во поставките на Chrome, во „Приватност и безбедност“, па „Безбедност“. Сепак, според Google тогаш Chrome до Safe Browsing ги праќа адресите на страните, мали делови од нивната содржина, активноста на екстензиите и информации за системот.