Фото: DepositPhotos

Mozilla, Shopify, Vivaldi, Brave, Y Combinator и уште десетици компании, здруженија и организации објавија отворено писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое бараат итно да се отвори формална постапка против Apple. Писмото го организираше групата Open Web Advocacy, а потписниците според нивна проценка претставуваат меѓу 45.000 и 55.000 компании и организации од ЕУ.

Проблемот е стар. Apple со iOS 17.4 дозволи прелистувачите во ЕУ да користат сопствена веб технологија наместо WebKit, на која работи Safari, а Mozilla и Google уште тогаш беа незадоволни што промената важи само за ЕУ. Според писмото, повеќе од две и пол години откако Apple требаше да го почитува Законот за дигитални пазари, на 7 март 2024, ниту еден прелистувач не успеал своите постојни корисници во ЕУ да ги префрли на сопствената технологија.

Mozilla, која деновиве отвори телефонска линија за поплаки против Microsoft, уште на 20 ноември, пред писмото, во посебна објава објасни зошто на iOS сè уште нема прелистувач без WebKit. За да користи Gecko, не може само да го надгради постојниот Firefox, туку мора да направи втора апликација, а корисниците потоа сами да ја преземат и да ги префрлат омилените страници, лозинките и историјата. Според Mozilla, голем дел од нив би се откажале, а нивните обиди условите да се подобрат „засега главно не успеале“.

Коалицијата во придружните белешки наведува и други пречки: веб апликациите на почетниот екран може да работат само со WebKit, договорот за пристап до потребните „API“ е еднострано напишан, а програмерите што работат за компании од ЕУ не можат да ги тестираат вакви прелистувачи на уреди надвор од Унијата. Тие тврдат дека ова ги држи веб апликациите подалеку од конкуренција со App Store. Ако половина од развојот на апликации за iOS премине на веб, европските компании според нивна пресметка би заштеделе околу 11 милијарди евра годишно на развој и 1,3 милијарди евра на провизии за App Store, иако самите велат дека ова се сценарија, а не прогнози.

Apple на својата страница за програмери наведува дека веб технологиите се една од најчестите мети на напаѓачите, па ги условува со безбедносни обврски, меѓу кои навремено исправање на активно искористените пропусти, на пример за 30 дена кај наједноставните. Не е познато дали компанијата ќе одговори на писмото.

Писмото е отворено за нови потписи до 3 декември. Евентуалните промени, сепак, ќе важат само за ЕУ, па корисниците во Македонија и натаму ќе имаат прелистувачи што на iPhone работат со WebKit.