Фото: Mozilla

Mozilla со рекламна кампања ги „презеде“ улиците околу Moscone Center во Сан Франциско, каде Microsoft ја одржува Ignite, својата најголема конференција за годината. Рекламите се во стилот на оние на адвокатите за надомест на штета, а ги повикуваат луѓето да се јават на телефонската линија 1-855-25-FIREFOX и да остават порака за тоа што мислат за тактиките на Microsoft, со кои, според Mozilla, се поткопува изборот на прелистувач.

Mozilla вели дека оди јавно бидејќи претходно ги споделила и дискутирала истражувањата со Microsoft, но сè уште не видела значајни чекори. Станува збор за извештајот Over The Edge 2.0, кој Mozilla го објави во јули, а го подготвија независните експерти за манипулативен дизајн Хари Бригнал и Кенид Боулс. Тој опишува како Windows, Edge, Bing и Copilot се дизајнирани да ги одвлечат корисниците од прелистувачот што самите го избрале.

Според Mozilla, сто дена подоцна, за корисниците надвор од ЕУ речиси ништо не е сменето. Пребарувањето во Windows и „Widgets“ и понатаму ги отвораат линковите во Edge наместо во основниот прелистувач, а Windows го задржува Edge како основна апликација за чести типови датотеки, како PDF, дури и кога корисникот поставил друг прелистувач.

Дополнително, Windows Backup при враќање на компјутерот се обидува тивко да го постави Edge како основен прелистувач. Copilot пак ги отвора интернет линковите во Edge во сите тестирани региони, вклучително и во Европа.

Mozilla тврди дека пофер верзија на Windows веќе постои, бидејќи Microsoft ја направи за Европа, каде тоа го бара Законот за дигитални пазари (DMA). Насекаде на друго место, вклучително во САД, Велика Британија и Индија, корисниците ја добиваат верзијата што може да го надвладее нивниот избор.

Сепак и самиот извештај наведува дека Законот за дигитални пазари имал мерлив, но тесен ефект, бидејќи и во Европскиот економски простор опстојуваат неколку од штетните практики.

Mozilla побарале од Microsoft две работи: пофер дизајнот од Европа да го добијат сите корисници на Windows и да престанат преостанатите практики што важат насекаде, како онаа кај Copilot. Според Mozilla, ниту едното ниту другото не е спроведено.

Тактиките на Microsoft со Edge не се критикуваат за првпат, а пред две години поради нив беше формирана и групата Browser Choice Alliance. Во објавата на Mozilla нема одговор од Microsoft на кампањата.

Mozilla заклучува дека Microsoft може подобро, бидејќи тоа веќе го направиле за корисниците во Европа.