Фото: Microsoft

Microsoft го најави Surface Laptop Ultra, уред што компанијата го нарекува најмоќен лаптоп од серијата досега. Развиен е во соработка со NVIDIA и работи на платформата RTX Spark, што значи дека станува збор за машина со Arm архитектура, а не за вообичаениот лаптоп со Intel или AMD чип.

RTX Spark не е само графичка картичка. Тоа е цел систем на чип што комбинира Blackwell RTX графика, 20-јадрен Arm процесор изработен заедно со MediaTek и до 128GB обединета меморија. 

Поради унифицираниот пристап, меморијата динамички се распределува меѓу процесорот и графиката, што овозможува рендерирање во 3D, работа со повеќе модели и вештачка интелигенција истовремено. 

На сличен начин функционираат и чиповите на Apple. Уште од M1, Apple чиповите се исто така Arm платформа со систем на чип каде што процесорот и графиката делат заеднички мемориски простор, наместо секоја компонента да има своја одвоена меморија. Со други зборови, NVIDIA и Microsoft сега го носат на Windows она што Apple го има веќе неколку години во своите Mac уреди, иако мора да се истакне дека во нешто „послаба“ форма досега беше достапно и од Qualcomm чиповите.

Microsoft наведува еден „петафлоп“ пресметковна моќ и можност за локално извршување на модели со до 120 милијарди параметри. NVIDIA, пак, вели дека графиката е приближно во класата на нивната RTX 5070 за лаптопи, но со многу помала потрошувачка.

Бидејќи е Arm платформа, постарите апликации ќе работат преку Prism емулаторот на Microsoft, прилагоден за оваа архитектура.

Истиот чип, инаку, ќе се најде и во лаптопи од Dell, HP, Lenovo, Asus и MSI, па не е ексклузивен само за Microsoft.

Фото: Microsoft

Екранот е 15-инчен mini-LED PixelSense Ultra на допир, со осветленост до 2.000 нити при HDR и 262 пиксели по инч, што Microsoft го опишува како најсветол екран што досега го испорачале. „Тачпадот“ е најголемиот ставен на некој Surface, а присутни се и портите што креаторите навистина ги користат, како HDMI, USB-C, USB-A, SD-картичка и приклучок за слушалки.

Лаптопот доаѓа во две бои, Platinum и Nightfall, со акцент на издржливост, лесна поправка и целодневна батерија. 

Surface Laptop Ultra ќе биде достапен подоцна оваа година, а Microsoft сè уште не објави цена ниту точен датум.