Google најави нов начин на пребарување кај нивниот сервис YouTube наречен „Ask YouTube”, кој се потпира на разговорен пристап наместо на класичното внесување клучни зборови. Целта е корисникот да може да формулира барање со сопствени зборови, како што и инаку би прашал некој познаник, односно како што веќе е нормално да се постави барање до ВИ.
Со „Ask YouTube” може да се постават покомплексни прашања, на пример помош при планирање патување по крајбрежјето на Охрид или совети како да научите дете да вози велосипед. Дополнително, корисникот може да поставува и дополнителни прашања за да го допрецизира тоа што го бара, што му дава поголема контрола врз резултатите.
Наместо вообичаената листа со препораки за видеа, функцијата ги составува најрелевантните видеа од целиот каталог на YouTube, вклучувајќи ги и долгите видеа и „Shorts” и сето тоа го пакува во интерактивен и структуриран одговор. На тој начин одговорот изгледа повеќе како подготвен преглед отколку како низа предлози.
Видеата кои се дел од одговорот дури се наместени да започнат на конкретен дел, наместо од почеток, а со тоа корисникот не мора да го бара делот кој што му е во моментот потребен.
Засега „Ask YouTube” е достапна само за „Premium” членовите во САД, а компанијата најавува дека наскоро ќе се прошири кон сите корисници. Штета што пристапот вообичаено стигнува до нашиот регион со задоцнување, но насоката е јасна, пребарувањето сè повеќе се движи кон разговор наместо кон ставање клучни зборови.








































