Фото: Qualcomm

Qualcomm официјално ја најави својата нова компјутерска платформа Snapdragon C, процесор кој е примарно наменет за лаптопите од основната класа. Овој хардвер е дизајниран со цел да го направи модерното компјутерско искуство подостапно за специфични целни групи, вклучувајќи ги студентите, семејствата и малите бизниси кои имаат директен контакт со клиенти. 

Според податоците од компанијата, првите преносни компјутери опремени со овој процесор ќе бидат развиени во соработка со водечките производители на пазарот, меѓу кои веќе се потврдени брендовите Acer, HP и Lenovo.

Претставувањето на овој процесор може да се смета како уште една „реакција“ на пазарот на претставувањето на MacBook Neo кој можно е да ги има изненадено и Apple со успехот кој го направи. Dell веќе го претстави својот конкурент XPS 13, а во блиска иднина може да се очекуваат повеќе такви уреди. 

Техничките карактеристики на новиот процесор се оптимизирани за сигурно извршување на секојдневните дигитални задачи. Snapdragon C нуди стабилни перформанси при прелистување на интернет, репродукција на видео содржини, користење на алатки за продуктивност и остварување на видео повици. 

Значаен додаток во овој ценовен ранг е имплементацијата на интегриран NPU чип (единица за невронска обработка), кој овозможува извршување на процеси поврзани со вештачката интелигенција директно на самиот уред. 

Платформата е конструирана со особен фокус на енергетската ефикасност, што на корисниците им овозможува целодневна автономија на батеријата без да се направат компромиси со преносливоста на компјутерите.

Покрај траењето на батеријата, архитектурата на чипот овозможува дизајнирање на лаптопи кои работат тивко и одржуваат ниски температури при континуирано оптоварување. Претставниците на Qualcomm појаснуваат дека во време кога трошоците на пазарот растат, а очекувањата на купувачите континуирано се менуваат, нивната цел е да понудат технологија која ги спојува вредноста, ефикасноста и модерните ВИ можности. 

Очекувањата се дека оваа платформа ќе им помогне на партнерите да достигнат нова публика преку уреди чија почетна цена ќе изнесува 300 долари. Првите лаптопи кои работат на Snapdragon C треба да бидат достапни во продажба кон крајот на оваа година.