Фото: Apple

Apple денеска го претставија новиот MacBook Pro од 14 инчи со M6 чипот, една година по моделот со M5. Истиот чип денеска стигна и во новиот iMac, а лаптопот надворешно не се менува и повторно доаѓа во сребрена и црна („space black“) боја.

M6 има 12-јадрен „CPU“ и 12-јадрен графички процесор, по две јадра повеќе од M5, како и двоен Neural Engine со по 16 јадра. Основната верзија доаѓа со 16GB меморија и 1TB простор за складирање, а може да се надогради до 32GB и 4TB. Побрзата меморија, со пропусност од 170GB/s, ја имаат само верзиите со 24GB и 32GB, додека основната ги задржува 153GB/s.

Според тестовите на Apple, графиката е до 30% побрза, а локалните „AI“ задачи до 25% побрзи од M5. Споредбата е направена со најопремената верзија од M5 моделот, со 32GB меморија и 4TB простор. Во Blender, Xcode и Affinity Apple наведува подобрувања од 1,2 до 1,3 пати, а големите бројки, како до 13 пати побрзата „AI“ обработка, се однесуваат на споредбата со MacBook Pro со M1.

Новото е N1 чипот со Wi-Fi 7 и Bluetooth 6, а два надворешни 4K екрани сега може да работат на 165Hz, наместо на 144Hz. Сè друго останува исто, од екранот од 14,2 инчи со до 1.600 нити и опција за „nano-texture“, до 12MP камерата, трите Thunderbolt 4 приклучоци, HDMI, читачот за SD картички и MagSafe 3.

Батеријата трае до 24 часа гледање видео, што Apple го нарекува најдолго траење кај Mac, иако истото го наведуваа и за M5 моделот.

Покрај тоа, MacBook Pro доаѓа со macOS 27 и Siri AI, која на Mac засега е во бета верзија и работи на англиски, а од вчера и на француски, јапонски, корејски, португалски и шпански јазик.

Цената почнува од 1.999 долари за верзијата со 16GB и 1TB, а во Германија од 2.299 евра. Во САД толку чинеше и M5 моделот, кој во март ја загуби верзијата со 512GB и почна од 1.699 долари, а по поскапувањето на Mac уредите во јуни стигна до 1.999 долари.

Утре Apple имаат настан за новинарите во Лос Анџелес, на кој според Марк Гурман од Bloomberg се очекуваат MacBook Pro моделите со екран на допир.