Apple денеска го претставија новиот iMac со M6 чипот, кој во август прво стигна во новиот Mac mini. Како што пишуваше Марк Гурман, надворешно нема промени, па iMac го задржува екранот од 24 инчи со 4.5K резолуција, 12MP камерата и седумте бои од моделот со M4.
Основната верзија има 10-јадрен „CPU“ и 10-јадрен графички процесор, а поскапата 12-јадрен „CPU“ и графички процесор, по две јадра повеќе од претходната генерација. Двете почнуваат со 16GB меморија и 256GB простор за складирање, а најмногу може да се добијат 32GB и 2TB, и тоа само кај поскапата верзија.
Според тестовите на Apple, новиот iMac е до 1,5 пати побрз во апликациите за продуктивност и има до два пати побрза графика од најопремената верзија на M4 моделот, со 32GB меморија и 2TB простор. Apple наведуваат и до пет пати побрзо локално извршување на „AI“ модели од M4, како и до 18 пати подобри перформанси од најпопуларниот iMac со Intel процесор.
Новиот iMac добива Wi-Fi 7 и Bluetooth 6 преку N1 чипот на Apple, како и до два пати побрз SSD. Сепак, основната верзија има само два Thunderbolt 4 приклучоци и поддржува еден надворешен екран, а Ethernet од 2,5 Gb и тастатурата со Touch ID кај неа се доплаќаат. „Nano-texture“ екранот е опција само за поскапата верзија.

Покрај тоа, iMac доаѓа со macOS 27, а Siri AI бара macOS 27.2. Таму таа засега е во бета верзија и од вчера работи на англиски, француски, јапонски, корејски, португалски и шпански јазик.
Цената почнува од 1.499 долари, а верзијата со 12 јадра чини 1.699 долари. Во Германија тие се 1.799 и 1.999 евра. Тоа се исти цени како кај M4 моделот по поскапувањето на Mac уредите во јуни, кога основниот iMac поскапе од 1.299 на 1.499 долари.
Нарачките почнуваат утре, 28 октомври, во 35 земји, а продажбата на 6 ноември. Apple не ја објавија листата на земји, а страниците на Apple за Словенија, Хрватска, Бугарија, Грција и Романија засега го прикажуваат M4 моделот. Не е познато кога и по која цена ќе стигне кај нас.
Заедно со iMac, Apple денеска го претставија и MacBook Pro од 14 инчи со M6, а утре се очекуваат и MacBook Pro моделите со екран на допир.




































