Фото: Microsoft

Microsoft го претстави Microsoft Classroom, нова посебна платформа во Microsoft 365 за наставата и учењето, наменета за основните и средните училишта, како и за факултетите. Таа на едно место ги собира алатките што наставниците веќе ги користат, како задачите, оценките, OneNote Class Notebook и Insights.

Името не е ново. Microsoft имаше услуга Microsoft Classroom во пробна верзија уште во 2016 година, но во 2017 најави дека ја гаси, а дел од нејзините функции ги пренесе во Teams.

Според Microsoft, новиот Classroom не ги заменува Teams за образование и Microsoft 365 LTI, преку кој алатките се вградуваат во постојните системи за учење. Училиштата ќе можат да изберат што им одговара, па на пример Classroom да го користат за наставата, а Teams за состаноците и соработката на наставниците.

Изгледот се прилагодува според нивото на образование. Помалите ученици добиваат едноставен простор каде гледаат што следува и што треба да понесат на час, наставниците во средните училишта центар за повеќе паралелки, а студентите преглед на роковите и напредокот во сите предмети. Секој корисник има своја почетна страница, а наставникот може да уреди и заедничка почетна страница за класот.

Microsoft дополнително нагласува дека вештачката интелигенција е дел од платформата, а не посебна алатка. Во Classroom ќе бидат вградени Teach, нивниот „AI“ простор за планирање на часовите и „Study and Learn“ агентот во задачите, а учениците ќе имаат и Learning Activities. Вакво нешто не изненадува, бидејќи и OpenAI и Google веќе се борат за наставниците и учениците со свои „AI“ алатки.

Classroom ќе работи на веб, а ќе има и посебни мобилни и десктоп апликации. Тестирањето е планирано за почетокот на 2027 година, а администраторите веќе можат да се пријават.

Според Microsoft, Classroom ќе биде вклучен без дополнителен трошок во сегашните A1, A3, A5 и A7 пакети од следната година. Со новите пакети најавени минатата недела, Microsoft вели дека од јануари 2028 Classroom ќе биде дел од пакетите од A2 нагоре.

Не е познато кога Classroom ќе биде достапен кај нас и дали ќе биде на македонски јазик.