Истражувачот за приватност Александар Ханф, познат како „That Privacy Guy“, неодамна откри дека интернет прелистувачот Google Chrome автоматски инсталира локален модел за вештачка интелигенција со големина од 4 GB на компјутерите на корисниците, без нивно знаење или претходна согласност.
Датотеката, именувана како weights.bin, се сместува во директориумот на корисничкиот профил и служи за локално извршување на Gemini Nano, јазичниот модел на Google наменет за локално користење. Оваа постапка се одвива во позадина, под услов системот да ги исполнува предвидените хардверски барања.
Главниот проблем со овој потег лежи во отсуството на транспарентност и контрола од страна на корисникот. Според анализата, прелистувачот не нуди стандардна опција во менито за поставки преку која корисниците би можеле да го одобрат или одбијат преземањето на оваа обемна датотека.
Дополнително, доколку корисникот рачно ја избрише датотеката од својот систем, Chrome автоматски ќе ја преземе повторно при следната проверка на статусот во позадина. Единствениот начин за трајно спречување на овој процес е преку напредните конфигурациски опции скриени во менито за експериментални функции (chrome://flags) или преку целосно деинсталирање на прелистувачот.
Покрај очигледните прашања поврзани со приватноста и усогласеноста со регулативите за заштита на податоците, масовното дистрибуирање на податоци од ваков обем има и значително влијание врз животната средина и дигиталната инфраструктура, барем така пишува Ханф.
Со оглед на тоа што Chrome е доминантен прелистувач со милијарди активни корисници ширум светот, несаканото преземање на модел од 4 GB на секој компатибилен компјутер резултира со огромна потрошувачка на мрежен сообраќај и енергија.
Овој пристап на Google покренува сериозни дебати во ИТ заедницата околу етичките граници на автоматските софтверски ажурирања и правото на корисниците целосно да управуваат со просторот на нивните локални дискови.












































