Фото: DepositPhotos

Европските амбасадори неодамна се согласија да протуркаат привремено продолжување на регулаторната рамка која им овозможува на платформите како што се WhatsApp и Messenger да ги скенираат приватните пораки на корисниците. Овој потег доаѓа како изненадување со оглед на тоа што дури 311 пратеници во Европскиот парламент во март гласаа против оваа мерка, по што правната основа за доброволно скенирање истече во април. 

Официјалното оправдување за обновувањето на оваа иницијатива останува спречувањето на ширењето на материјали поврзани со детска злоупотреба.

Новиот предлог доаѓа од кипарското претседателство со Советот на ЕУ, кое ги повика земјите членки да ја усвојат позицијата дури и во околности каде што Парламентот веќе го отфрли планот на Комисијата. Ваквото инсистирање претставува невообичаен чекор, бидејќи Парламентот нормално го има последниот збор. 

За крајните корисници, ова значи дека нивните секојдневни комуникации би можеле повторно да бидат предмет на масовен надзор. Правната служба на Советот и една студија на Европскиот парламент веќе предупредија дека ваквиот пристап претставува сериозен проблем за правото на приватност, бидејќи ги третира буквално сите граѓани како осомничени. 

Дополнително, пријавените стапки на грешка кај алатките за детекција се доста големи, со што целосно се губи поентата на еден ваков закон. Заштитата која се тврди дека е цел, не се постигнува, па повторно доаѓаме до сомневање за намерите на тие кои стојат зад ваквите закони. 

Најлошото сценарио кое сè уште е на преговарачка маса би им овозможило на владите да наложат следење кое не е ограничено само на реално осомничени лица и за кое не е потребно претходно одобрение од судија. Ваквиот пристап би се комбинирал со задолжителна верификација на возраста, што значи дека корисниците можеби ќе мора да докажуваат кои се пред да испратат каква било приватна порака.