Забраната за користење на социјалните мрежи за лица помлади од 16 години во Австралија, која беше воведена во декември, има минимално влијание врз навиките на тинејџерите.
Според истражувањето објавено во медицинското списание British Medical Journal, не постојат докази дека новите законски мерки значително ја намалиле употребата на платформи како Facebook, Instagram и TikTok кај помладата популација.
Иницијалната цел на овие ограничувања беше да се заштитат децата од сајбер насилство и од влијанието на алгоритмите, мерка која родителите ја поздравија поради растечката загриженост за влијанието на интернетот врз менталното здравје на младите.
Резултатите од студијата, која опфатила повеќе од 400 млади корисници анкетирани непосредно пред и три месеци по стапувањето на сила на законот, укажуваат на масовно заобиколување на правилата. Малолетниците лесно ги избегнуваат рестрикциите преку отворање лажни профили, користење сметки регистрирани на постари лица или преку пристапување до платформите преку приватни прелистувачи.
Податоците покажуваат дека нема речиси никаква промена кај корисниците на возраст од 12 до 13 години, забележан е само мал пад на активноста кај групата од 14 до 15 години, додека кај младите постари од 16 години користењето дури и се зголемило.
Овој австралиски закон предизвика голем меѓународен интерес, при што држави како Обединетото Кралство, Индонезија, Обединетите Арапски Емирати и Нов Зеланд разгледуваат воведување слични забрани.
Од друга страна, иако социјалните мрежи ветија дека ќе ги почитуваат правилата, тие предупредуваат дека ваквите строги мерки можат само да ги оттурнат тинејџерите кон нерегулирани делови од интернетот. Компаниите во моментов сносат целосна одговорност за проверка на возраста на корисниците, применувајќи алатки базирани на вештачка интелигенција за анализа на фотографии или барајќи прикачување на официјален документ за идентификација.
Сепак, донесувањето на ваквите закони е предмет на доста критики, а во главно поради обвинувањето дека целта на властите не е заштита на децата, нешто што може да се направи на друг начин, туку воведување идентификација за сите корисници, со што практично би се ставил крај на анонимноста на интернет.







































