Скопје, 15 септември 2026 – Вештачката интелигенција, дигитализацијата и потребата од нови компетенции сè повеќе го менуваат начинот на кој компаниите управуваат со финансиите и го планираат својот развој. Токму овие промени ќе бидат во фокусот на 7-та Германско-македонска конференција за контролинг, која ќе се одржи на 30 септември 2026 година во Скопје.
Конференцијата, во организација на Хајделберг Факултетот во Скопје (Heidelberg Business School), ќе обедини академици, експерти од индустријата, финансиски директори и претставници на институциите, со цел да се отворат клучните прашања за иднината на контролингот и финансиското управување.
Годинешната главна тема е „Актуелни предизвици во контролингот – ВИ, дигитализација и преквалификација (Reskilling)“. На официјалното отворање ќе се обрати Проф. д-р Улрих Цајтел, претседател на Бордот на директори на Хајделберг, а свои обраќања ќе имаат и заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски и директорката на УЈП, Елена Петрова.
Посебен акцент на конференцијата ќе биде ставен на искуствата и практиките од Германија и Европа, преку учество на истакнати експерти од областа на финансиите и контролингот.
„Компаниите мора да разберат кои се компетенциите што ќе го водат нивниот деловен успех во иднина, особено во ерата на забрзана дигитализација,“ истакнува Проф. д-р Мајк Шулц, вицепретседател и професор на CBS International Business School во Мајнц, кој ќе одржи експертско предавање посветено на иднината на контролингот.
На конференцијата ќе учествува и Проф. д-р Роналд Глеих, академски директор во Frankfurt School of Finance & Management и еден од водечките креатори на конференцијата.
„По извонредниот успех на ланската, шеста по ред конференција, која ги постави темелите за модерните финансиски практики, оваа година одиме чекор понатаму. На само неколку недели пред почетокот на 7-то издание, се наоѓаме во клучен момент каде што вештачката интелигенција и дигитализацијата бараат итна адаптација од секоја компанија. Оваа конференција нема само да ги констатира промените, туку ќе им понуди на професионалците конкретни алатки за тоа како да ја искористат технологијата за сигурен деловен раст. Иднината на финансиите веќе пристигна, а ние сме тука да ве подготвиме за неа.“
Свои согледувања за новите предизвици во финансискиот сектор ќе сподели и Проф. д-р Иван Шверко, управител на секторот за ризици во PBZ Invest, Хрватска.
Програмата опфаќа две експертски предавања и три специјализирани панел-дискусии, насочени кон практичните предизвици со кои се соочуваат компаниите и финансискиот сектор.
Дискусиите ќе опфатат теми поврзани со сметководството, контролингот и технологијата во 2027 година, предизвиците и стратегиите за контролинг во банкарството и осигурувањето, како и примената на современиот контролинг во реалниот сектор и производствените компании.
Во рамки на конференцијата е предвидено и специјално обраќање на Весна Прентовска, претседател на ИСОС.
Сметководителите и овластените сметководители кои ќе присуствуваат на конференцијата ќе добијат 8 КПУ поени, а воедно ќе имаат можност да ги унапредат своите знаења преку следење на актуелните теми од областа на дигитализацијата, вештачката интелигенција и финансиското управување.
Конференцијата ќе се одржи на 30 септември 2026 година, од 09:30 до 16:00 часот, во Хајделберг Факултет во Скопје, на ул. Коста Новаковиќ бр. 16, а крајниот рок за регистрација е 29 септември 2026 година.
Бројот на учесници е ограничен, затоа обезбедете го вашето место навреме и бидете дел од разговорот за иднината на контролингот и финансиите.
Пријавување на следниот линк:
https://ibmhs.eu/7th-german-macedonian-controlling-conference/.





































