Фото: Bose

Bose ги претстави Noise Cancelling Wired Earbuds, жични слушалки што се приклучуваат преку USB-C и имаат активно поништување на бучавата. Тоа се првите жични слушалки на компанијата по 2015 година, кога ги издаде SoundSport и SoundTrue Ultra.

Според Раза Хајдер, претседател на одделот за премиум аудио производи во Bose, жичните слушалки доживуваат „културна ренесанса“, па компанијата решила да ги врати, но „подобри од порано“. Bloomberg лансирањето го поврзува токму со растечкиот тренд на жични слушалки.

Секоја слушалка има по два микрофони за поништување на бучавата, а постојат три режими: Quiet, кој ја намалува бучавата од околината, Aware, кој ги пропушта звуците од околината и режим со исклучено поништување. На кабелот, долг околу 1,3 метри, има управувач со физички копчиња за јачина на звукот, репродукција, повици и менување на режимите, како и посебен микрофон за разговори.

Бидејќи немаат батерија, слушалките не треба да се полнат. Според Bose, работат со телефони, таблети и компјутери со USB-C.

Звукот го обработува сопствениот „DSP“ на Bose, а преку стандардот „USB Audio Class 2“ поддржуваат звук без загуба. Слушалките примаат сигнал со која било резолуција, но излезот е фиксно 24-bit/48kHz.

Дополнително, имаат IPX4 заштита од прскање вода, а во пакетот доаѓаат силиконски додатоци во три големини, „крилца“ за подобро држење во увото и футрола со патент.

Сепак, USB-C носи и ограничување. Бидејќи слушалките не работат со 3,5 мм излез, како што забележува 9to5Google, не може да се користат со сопствен надворешен „DAC“ или засилувач.

Цената е 99 долари, а засега претходна нарачка можат да направат само членовите на програмата My Bose, преку страницата на Bose. Доаѓаат во црна боја, во бојата White Smoke и во ограничено издание Dewdrop Mint.

Во соопштението Bose ги наведува само Bose.com и американскиот Best Buy, па не е познато кога и по која цена и дали слушалките ќе стигнат во Македонија и во регионот.