Google на годинешната I/O конференција најави значителни промени во начинот на кој функционира нивниот пребарувач, Google Search, фокусирајќи се на длабока интеграција на вештачката интелигенција.
Според новите најави, корисничкото искуство се оддалечува од традиционалната листа на сини линкови и преминува кон се поголемо користење на „ВИ режимот“ на конверзациски интерфејс и динамични контролни табли кои се генерираат директно на страницата со резултати. Оваа промена е поддржана од новиот модел Gemini 3.5 Flash, кој станува стандардна основа за обработка на барањата, нудејќи поголема брзина и капацитет за извршување на комплексни задачи.
Еден од најважните новитети е воведувањето на таканаречените информациски агенти. Овие автономни алатки функционираат во позадина и можат континуирано да следат специфични теми, промени на цени или достапност на производи. Наместо корисникот постојано да пребарува рачно, агентот ги анализира податоците од блогови, вести, социјални мрежи и платформи за е-трговија во реално време и испраќа известувања кога ќе се појави релевантна информација. Ова претставува премин од пасивно пребарување кон проактивно следење на интернетот.
Овие надградби доаѓаат во период кога режимот за вештачка интелигенција во Google Search веќе бележи над една милијарда активни корисници месечно. Иако овие алатки нудат зголемена автоматизација и побрз пристап до сублимирани информации, тие истовремено означуваат сериозна промена во екосистемот на интернетот.
Задржувањето на корисниците директно на страницата на Google може да има значително влијание врз сообраќајот кон независните веб страни, издавачи и дигитални бизниси кои традиционално се потпираат на органски посети преку класичните резултати од пребарување.








































