
Mozilla, која од февруари со модели на Anthropic и OpenAI бара пропусти во Firefox, планира да го промени распоредот по кој ги објавува безбедносните закрпи, за да им отежни на напаѓачите што со вештачка интелигенција ги анализираат поправките. Тоа го најави Боби Холи, технички директор на Firefox, во објава на блогот минатата недела.
Проблемот е таканаречениот „patch gap“, односно периодот меѓу појавувањето на поправката во кодот и моментот кога таа ќе стигне до повеќето корисници. Во тој период напаѓачот понекогаш може од самата поправка да дојде до пропустот и да ги нападне корисниците на претходната верзија. Според Mozilla, ова е закана стара со децении, но досега бараше знаење што повеќето напаѓачи го немаа.
Mozilla наведува дека виделе докази дека модели како GLM 5.3 на Z.ai можат да искористат дел од поправките за пропусти што првично ги откриле понапредни модели.
Истиот ден истражувачите од Epoch AI објавија дека GLM 5.3 развил напади врз сите шест верзии на Firefox објавени меѓу 17 септември и 26 октомври, со трошок од околу 1.000 долари по верзија. Во секој од нападите моделот користел и еден необјавен пропуст, кој според Epoch е поправен во Firefox 159. Mozilla не го спомнува истражувањето, па не е познато дали на него се однесуваат нивните докази.
Firefox има повеќе слоеви „sandbox“ заштита, па во наједноставниот случај за напад се потребни барем два пропусти, во делот што ја обработува содржината на страните и за излегување од „sandbox“ заштитата. Затоа Mozilla ќе ги групира поправките по тип и ќе ги објавува така што нивните периоди на ранливост не се преклопуваат. Така во даден момент од поправките би можело да се открие само едно од потребните парчиња, а напаѓачот сам би морал да најде барем еден нов пропуст што досега им промакнал на моделите.
Mozilla не наведува од кога ќе важи ова, туку само дека бара координација и може да потрае.
Дел од мерките веќе важат. Mozilla го преполови циклусот на издавање, па главните верзии излегуваат на две недели, а со поправните верзии помеѓу нив нови верзии стигнуваат секоја недела. Тестовите кон безбедносните поправки повторно се чуваат во тајност до објавата на поправката, бидејќи GLM 5.3 без нив бил многу помалку успешен, а сите нови промени во кодот се проверуваат за нововнесени грешки.
Според Mozilla, во октомври нагло се зголемиле и објавените пропусти и обидите за нивно искористување на интернет, а голем дел од софтверот на интернет не е подготвен за тоа како Firefox.




































