Фото: NASA

NASA официјално потврди дека Voyager 1 стигна на еден светлосен ден од Земјата, но и ја повтори веста дека леталото од 14 ноември не праќа ниту научни, ниту технички податоци. Растојанието од 25,9 милијарди километри го помина во среда во 11:16 часот по наше време, како што пишувавме, а тимот во JPL сигналот од тој момент го прими 24 часа подоцна.

За проблемот NASA објави вечерта пред прославата. Антената во Канбера, Австралија, на 14 ноември го фатила носечкиот сигнал на леталото, но во него немало податоци. Тоа значи дека Voyager 1 и понатаму е насочен кон Земјата и дека антената и предавателот работат, а според NASA проблемот веројатно е во компјутерот што ги собира податоците од инструментите и ги подготвува за праќање.

Поради растојанието, на секоја команда ѝ треба еден ден до леталото и уште еден за одговорот, па NASA предупредува дека откривањето на причината може да трае со недели или подолго. Сличен проблем Voyager 1 имаше и во 2023 година, кога причината беше еден од компјутерите, а тимот сега проверува дали има врска со двата дена тишина во октомври. По тој прекин леталото работеше нормално сè до 14 ноември.

Светлосниот ден е потврден со носечкиот сигнал и пресметките за патеката. NASA објаснува дека леталото патува со постојана брзина и нема како да ја смени, па технички проблем не може да влијае на тоа кога ќе ја помине границата.

Според NASA, заштедата на енергија од оваа година, кога три уреди на Voyager 1 беа заменети со поштедливи, треба да ги одржи сегашните инструменти на двете летала барем до 50-годишнината од лансирањето следното лето. Претставник на JPL за Space.com изјави дека маргините за енергија се „многу тесни“, бидејќи покрај енергијата треба да се води сметка и за температурата на леталата. Сузан Дод, менаџерка на проектот во JPL, за Space.com изјави дека дотогаш не очекуваат поголеми промени во работата на леталата, но написот воопшто не го спомнува прекинот на податоците.

Научниците би сакале Voyager 1 да издржи доволно долго за да покаже каде престанува влијанието на Сонцето и почнува чистиот меѓуѕвезден простор. Тоа сега зависи и од тоа дали инженерите ќе успеат повторно да го натераат леталото да праќа податоци.