Фото: ubeyonroad на Unsplash

Apple почна да испраќа нов бран известувања за закани („threat notifications“) до корисници на iPhone кои, според компанијата, биле цел на напади со платенички шпионски софтвер („mercenary spyware“). Првите предупредувања стигнаа на 29 октомври, а ден подоцна безбедносниот истражувач Костин Раиу објави дека бранот е одвоен од августовскиот и дека е поврзан со нови напади.

Во известувањето што го сподели Раиу, Apple пишува дека „денешното известување се испраќа до таргетирани корисници во 99 земји“, а дека досега известиле корисници во вкупно над 150 земји. Дел од медиумите пишуваат за 110 земји, но таа бројка е од бранот во август. Apple не одговори на прашањата на The Record и засега нема објава за новиот бран.

Компанијата не објавува листа на земји и не ги поврзува нападите со конкретни напаѓачи или региони, па не е познато дали има примачи во Македонија или во регионот. Во соседна Србија, пак, Citizen Lab во октомври објави дека Раде Бајиќ, виш соработник во Обвинителството за организиран криминал кој ја истражувал корупцијата во проектот „Генералштаб“ во Белград, добил вакво известување на 13 август, односно во претходниот бран.

Во Германија, според Сојузната канцеларија за информациска безбедност (BSI), повеќе пратеници во Бундестагот и други јавни личности добиле предупредување од 29 октомври наваму. BSI наведува дека не знае дали станува збор за успешни упади или само за обиди, но им препорачува на примачите да сметаат дека уредот можеби е компромитиран.

Предупредувањата на X ги објавија и двајца новинари. Рагип Сојлу, шеф на бирото на Middle East Eye во Турција, напиша дека ова му е трето вакво известување оваа година. Ливанскиот новинар и документарист Радван Мортада, пак, го доби предупредувањето неколку дена по објавувањето на неговиот филм за експлозиите на пејџерите во Ливан, но признава дека нема конкретен доказ за врска меѓу двете.

Раиу, кој вели дека проверил повеќе известувања, за The Record изјави: „Засега не гледаме знаци на компромитирање во записите што би потврдиле кој е одговорен за упадите“.

Apple ги опишува овие известувања како предупредувања со висока сигурност, но признава дека нивните истраги никогаш не се апсолутно сигурни. Од август предупредувањето се појавува на заклучениот екран и во поставките на iPhone, а пристигнува и по е-пошта и на страницата account.apple.com. Вистинското известување никогаш не бара кликнување на линк, инсталирање апликација или внесување лозинка.

На примачите компанијата им препорачува да го вклучат „Lockdown Mode“ и да побараат помош од линијата за дигитална безбедност на непрофитната организација Access Now. Вакви напади чинат милиони долари и се насочени кон мал број луѓе, најчесто новинари, активисти, политичари и дипломати, па огромното мнозинство корисници веројатно никогаш нема да видат вакво предупредување.