Еден од најкористените сервиси за надминување на јазичните бариери на интернет, Google Translate, одбележува дваесет години од своето постоење.
Започнувајќи како скромен експеримент во 2006 година кој се потпираше на статистичко машинско учење, сервисот денес претставува комплексна платформа која опслужува над една милијарда корисници месечно. Со поддршка за речиси 250 јазици, платформата во моментов покрива околу 95 проценти од светската популација.
Според податоците на компанијата, корисниците преведуваат приближно еден трилион зборови секој месец низ различните сегменти на нивниот екосистем, вклучувајќи го стандардното пребарување и визуелниот превод преку објективот на камерата.
Технолошкиот напредок на платформата е директно поврзан со развојот на моделите за вештачка интелигенција и невронските мрежи. Значајна промена во архитектурата се случи во 2016 година со транзицијата кон системи кои го надминаа буквалниот превод од збор до збор и овозможија поприродно структурирање на речениците.
Денес, сервисот користи понови генерации на големи јазични модели кои овозможуваат подобро препознавање на контекстот, локалните дијалекти и специфичните идиоми. Оваа инфраструктура стои и зад функциите за превод на аудио во реално време, каде корисниците можат да водат тековни разговори со задржување на оригиналниот тон и ритам на говорникот.
По повод јубилејот, воведена е нова функција наменета за корисниците на мобилната апликација која нуди практично вежбање на изговорот. Алатката го анализира говорот на корисникот и дава повратни информации, со цел да помогне во подобрувањето на вербалната комуникација пред започнувањето на реален разговор.
Функцијата првично е достапна за англиски, шпански и хинди јазик на одредени пазари.
Во својата објава за дваесет годишнината, Google пишува за повеќе функции и совети за користење на Translate, а целата објава можете да ја погледнете тука.










































