Фото: DepositPhotos

Директорот на Proton, Енди Јен, бара од инженерите што повеќе и што побрзо да користат вештачка интелигенција, дури и кога имаат безбедносни сомнежи, пишува 404 Media. Медиумот разговарал со девет сегашни и поранешни вработени и имал увид во разговори на Slack и снимки од состаноци.

Кога вработен на крајот на август предложил новиот код барем неколку дена безбедносно да се тестира пред да биде пуштен, Јен на безбедносниот канал одговорил дека тоа се „глупости и размислување на губитници“. Според него, инженерите треба да престанат рачно и „со љубов“ да го пишуваат кодот и повеќе да користат вештачка интелигенција.

На компјутерите на вработените е инсталиран софтвер што мери колку код создава вештачката интелигенција, а техничкиот директор Барт Батлер на состанок рекол дека во октомври 90% од кодот го напишала „AI“. Според повеќе вработени, голем дел од тој код е напишан со Claude на Anthropic, а Јен на Slack им препорачува да го користат.

Во манифест објавен минатиот месец Батлер им порачал на инженерите дека „нивната стара работа ја нема“, а Proton треба да стигне до точка кога поголемиот дел од кодот нема да го прегледуваат луѓе, туку вештачката интелигенција. Јен пак напишал дека ова е последната година во која компанијата вработува инженери, а од следната ќе вработува продуктни менаџери што ќе градат со „AI“.

Proton во понеделник во интерна е-пошта, до која дојде 404 Media, им најави на вработените повторни интервјуа за користењето на „AI“, кои се „со последици“. Кога повисок вработен предложил наместо тоа поддршка и обука, Јен одговорил дека „повеќе или помалку веќе знаат кој заостанува“.

Вработениот напишал дека пораката е заснована на страв, а Јен му одговорил дека ако мисли дека одлуката е финансиски мотивирана и не му верува, можеби Proton „не е место за него“.

Според интерен документ, компанијата поради недоволната брзина не е на пат да ја постигне целта за годишни повторливи приходи до крајот на годината, а „според сите важни мерила“ е компанија што не ги исполнува очекувањата.

Според 404 Media, Јен по најавата на „post-quantum“ шифрирањето во мај бил незадоволен што Proton јавно напишале дека тоа засега не важи за старите пораки. Од член на тимот побарал со личната сметка да го исправи впечатокот на Reddit, бидејќи „перцепцијата е поважна од вистината“.

Портпарол на Proton не ги оспори наводите и рече дека дел од вработените се незадоволни или погрешно ја разбираат насоката, а компанијата во брзањето понекогаш била „премногу директна“ или предоцна им ја објаснувала. На Reddit, каде ја објави и целата е-пошта, Proton тврди дека не прави отпуштања под изговор на „AI“, туку има недостиг од кадар и вработува. Интервјуата се од 4 до 11 ноември, а одлуките за вработувањето ќе дојдат одделно.

Јавно, Јен зборува дека компаниите за приватност мора да градат своја вештачка интелигенција, а Proton веќе го има „четботот“ Lumo, кој во јуни доби верзијата 2.0.

Вакво брзање е незгодно за компанија што корисниците ја избираат токму поради довербата во безбедноста, иако не е познато дали веќе влијаело на нејзините производи.