Фото: DepositPhotos

Mozilla и Google оваа недела објавија нови верзии на нивните прелистувачи, кои заедно поправаат 219 безбедносни пропусти. Firefox 159, објавен на 27 октомври, поправа 167 пропусти, а новата верзија на Chrome, објавена истиот ден, поправа уште 52.

Според безбедносното соопштение на Mozilla, 108 од пропустите во Firefox се означени како сериозни, 52 како умерени, а седум како пропусти со ниска сериозност. Дури 97 се од типот „use-after-free“, односно грешки во управувањето со меморијата, а 13 се опишани како можно излегување од „sandbox“ заштитата на прелистувачот.

Бројката е поголема и затоа што Mozilla веќе не ги групира внатрешно откриените мемориски пропусти во еден заеднички „CVE“ запис, туку објавува посебен запис за секоја грешка. Сепак, и со истиот начин на објавување, претходната верзија 158 имаше 77 поправени пропусти.

Кај Chrome, Google наведува дека верзијата 156.0.8078.73 за Windows, Mac и Linux поправа 52 пропусти, од кои четири се критични, 46 сериозни и два со средна сериозност. Критичните се мемориска корупција и неправилна проверка на податоци во деловите за работа со датотеки и во графичката библиотека Skia, како и „use-after-free“ грешка во делот што го пресметува распоредот на елементите на страната. Надградбата стигнува постепено во наредните денови и недели.

Поинтересно е кој ги пронашол пропустите. Кај Firefox, 41 пропуст пријавиле од OpenAI, од кои 34 преку нивната алатка Codex Security, а 102 ги пријавиле од самиот тим на Mozilla. Кај Chrome, осум пријави се поврзани со Anthropic, од кои шест со напомена дека се откриени со помош на Claude, вклучувајќи два од четирите критични. Уште четири пропусти пријавил OpenAI Codex Security, а 20 самиот Google.

Вакво нешто не е ново. Во мај пишувавме дека Mozilla со рана верзија од Claude Mythos Preview пронашле 271 пропуст во Firefox, а Google преминот на двонеделен циклус за Chrome го објасни токму со влијанието на вештачката интелигенција врз безбедноста. И Mozilla од септември премина на двонеделен циклус, кој засега го третира како експеримент, па безбедносните надградби сега стигнуваат почесто.