Фото: Неотел / Оне Македонија

Оне Македонија, новиот мобилен оператор кој треба да стане трет со сопствена мрежа на македонскиот пазар, потпиша договор за стратешка соработка со телекомуникациската компанија Неотел. Според двете компании, првите сервери на Оне веќе стигнаа во центарот за податоци на Неотел.

Соработката опфаќа сместување на серверската и телекомуникациската опрема во центарот за податоци на Неотел, поврзување со транспортната мрежа („backhaul“) и техничка поддршка. Компаниите не ги објавија вредноста ниту траењето на договорот.

„Нашата стратегија од самиот почеток е јасна: модерна телекомуникациска мрежа подготвена за иднината и, во исто време, силни партнерства со локалните компании. Неотел има важна улога во оваа визија. Пристигнувањето на првите сервери е доказ дека веќе ги поставуваме темелите на нашиот технолошки развој“, изјави Брано Ѓуровиќ, извршен директор на Оне Македонија.

„Горди сме што Оне Македонија го избра Неотел за свој стратешки инфраструктурен партнер во еден од најзначајните телекомуникациски проекти во државата“, изјави Даме Цветковски, извршен директор на Неотел. Според него, компанијата ќе обезбеди критична инфраструктура за безбедна, високо достапна и напредна 5G мрежа.

Фото: Неотел / Оне Македонија

Според Оне, технолошките ресурси сместени во Македонија имаат важна улога во безбедноста, управувањето и заштитата на податоците на корисниците и сообраќајот, во согласност со регулативата. Изгледа дека Оне за сместувањето на опремата и „backhaul“ врските ќе користи постојна инфраструктура на Неотел, додека самата 5G мрежа ја гради со Ericsson.

Оне Македонија е во целосна сопственост на унгарската групација 4iG. Операторот на 23 јануари годинава ја доби лиценцата за фреквенции, а во март потпиша договор со Ericsson за изградба на самостојна 5G мрежа со повеќе од 500 базни станици до 2029 година. Групацијата за Македонија најави инвестиција од 100 милиони евра.

Во септември 4iG склучи и договор со SpaceX за сателитско поврзување директно со телефоните. Според 4iG, услугата прво ќе стартува во Унгарија и Албанија, а следната генерација е најавена и за Македонија, без датум.

Според лиценцата, Оне треба да покрие барем еден град со 5G до март 2027 година, главните патни правци до март 2029, сите градови до март 2031 и целата земја до март 2033 година. Не е познато кога операторот ќе почне да нуди услуги, ниту какви ќе бидат пакетите и цените.

Македонија веќе повеќе од десет години има само два мобилни оператори со сопствена мрежа, по спојувањето на тогашниот One со Vip во 2015 година.