
Шведската компанија Mullvad, позната по VPN услугата и по прелистувачот Mullvad Browser, на 2 ноември ќе ги исклучи своите јавни шифрирани „DNS“ сервери. Одлуката ја најавија уште на почетокот на септември, а наместо сами да ја водат услугата, ќе ја поддржуваат финансиски швајцарската непрофитна фондација Quad9.
Mullvad овие сервери ги нуди од 2022 година и тие работат преку „DNS over HTTPS“ и „DNS over TLS“. Тоа значи дека интернет операторот не може да ги прочита барањата за адресите на страниците, иако и понатаму може да види со кои сервери се поврзувате.
Според компанијата, серверите не се потребни кога се користи нивниот VPN, бидејќи сообраќајот веќе е шифриран, а барањата ги обработува внатрешниот „DNS“ на VPN мрежата. Надвор од VPN, Mullvad Browser ги користеше во основните поставки, а секој можеше бесплатно да ги постави на својот уред.
Mullvad велат дека сакаат ваква јавна услуга да постои, но водењето „DNS“ сервис фокусиран на приватноста е многу специјализирана работа, а Quad9 го нарекуваат „неоспорен лидер“ во оваа област. Поради ова, наместо да го дуплираат нивниот труд, средствата ќе ги насочат кон фондацијата.
Корисниците на Mullvad Browser што ги задржале основните поставки или вградената опција со блокирање реклами автоматски ќе бидат префрлени на Quad9. Оние што рачно избрале друга варијанта на серверите на Mullvad, како base, extended или family, треба сами да ја вратат основната поставка, бидејќи Mullvad прилагодените поставки нема да ги менува.
Mullvad не спомнуваат промена кај блокирањето, но Quad9 наведува дека не блокира реклами и „trackers“, па оние што ја користеле опцијата за блокирање реклами ќе ја изгубат таа заштита на ниво на „DNS“.
Сите што рачно ги поставиле серверите на Mullvad на компјутер, телефон или рутер треба да се префрлат пред 2 ноември, а Quad9 има упатства за поставување. Постојните профили на Mullvad за iOS и macOS ќе престанат да работат и треба да се заменат со профилите на Quad9 за iOS или macOS.
Quad9 е бесплатна услуга со седиште во Цирих, која ја основаа Global Cyber Alliance, IBM и PCH и е една од попознатите алтернативи на 1.1.1.1 од Cloudflare. Mullvad не соопштија колку пари ќе издвојуваат, а засега ги нема на листата на спонзори на Quad9.
Quad9 инаку деновиве објави дека од 24 ноември ќе престане да ја нуди услугата во Франција, откако тамошен суд му наложи да блокира домени што beIN ги поврзува со пиратски преноси на спортски настани.






































