Настанот кој Microsoft го најави при крајот на минатиот месец, беше одржан денеска и како што се очекуваше, на него беа претставени неколку нови Surface уреди, односно нови генерации од веќе достапните уреди, а имаше и по нешто ново.
Еден од главните уреди кои беа дел од настанот е уредот кој може да се каже дека ја направи Surface серијата тоа што е денес. Surface Pro стигна до својата деветта верзија и иако истата не донесува некои големи промени во дизајнот, донесува доволно промени за да биде одличен избор, а посебно за тие кои за првпат би се одлучиле за овој уред.

Surface Pro е уредот кој е првично таблет компјутер кој може да се користи и како лаптоп со додавање на тастатурата која во исто време се користи и за заштита на уредот. Исто така, Surface Pro е уредот кој го има „легендарниот“ механизам од Microsoft кој му овозможува потпирање на маса во која позиција и да сака корисникот.
Оваа година, Surface Pro 9 доаѓа и како замена за Surface Pro X со можноста да се купи со ARM чип, наместо со Intel, па Microsoft ги спојува овие два уреди во еден. Дел од дизајнот од Surface Pro X може да се видат во малите рамки околу екранот, нешто што го посакуваа кај другите модели корисниците уште при неговото претставување, a конечно го добија со Surface Pro 8.

Microsoft SQ 3 е чипот кој е направен во соработка со Qualcomm, а класично Surface Pro 9 доаѓа и со можност за избор на Intel чип, во овој случај 12та генерација. Со Intel чип, Surface Pro 9 треба да работи до 50% побрзо од неговиот претходник.
Surface Pro 9 доаѓа со 13 инчен екран кој повторно има 120 херци стапка на освежување, HD камера, насочени микрофони, Omnisonic звучници, како и нов G6 чип кој треба да го направи подобро пишувањето со електронското пенкалце од компанијата.
Оваа година Surface Pro доаѓа и со додатни бои, а направена е и посебна верзија во соработка со дизајнерската компанија од Лондон, Liberty.
Покрај овој уред, Microsoft ја претстави и наредната генерација од нивниот класичен лаптоп, Surface Laptop, кој сега е до петтата верзија. Surface Laptop 5 не донесува нешто многу од аспект на промени, па тука се стандардните подобрувања од генерација до генерација.
12та генерација од Intel чиповите е тука за да овозможи подобри перформанси, а Microsoft најавува до 50% подобри перформанси во споредба со Surface Laptop 4.

Surface Laptop 5 доаѓа со избор од 13,5 и 15 инчен екран заедно со Dolby Vision IQ технологијата која треба да овозможи подобра слика, силни бои и остар контраст. Заедно со ова, звукот доаѓа со поддршка за Dolby Atmos, заедно со ефектот на просторно аудио.
Surface Laptop 5 исто така доаѓа со избор на нови бои, како што беше случајот со Surface Pro 9, а и двата уреди повторно го имаат изборот за Alcantara материјалот.
Surface Studio на овој настан ја доби својата 2+ верзија, интересно, што значи дека од компанијата надградбата не сакаат да ја претстават како голема за целосно нова бројка. Ова е се-во-едно компјутерот од Microsoft кој привлече големо внимание кога првпат беше претставен со својот 28 инчен екран и можност за скоро целосно „легнување“ на масата и со тоа овозможувајќи користење на Surface Pen.
Surface Studio 2+ доаѓа со нова генерација на чип, односно Intel Core i7 H серијата и повторно Microsoft најавува 50% подобрување кај перформансите во споредба со претходниот модел.

Доста добра надградба доаѓа кај страна на графиката, па Surface Studio 2+ доаѓа со Nvidia GeForce RTX 3060, иако Microsoft тука можеле и подобро.
На овој настан Microsoft претстави уште еден интересен уред, Microsoft Audio Dock. Се работи за уред кој во основа е звучник, но овозможува поврзување на компјутер со екран и негово полнење, од каде и името „dock“. Замислен за видео конференции, овозможува одличен звук, а во него се вградени и два микрофони со технологија за намалување на шумовите и бучавата.

Покрај овие уреди, Microsoft претстави и далечински управувач за Microsoft Teams, Xbox Adaptive Controller, интеграција на iCloud Photos во новата Photos апликација, како и нова Microsoft Designer апликација како дел од Microsoft 365 пакетот.