Ring, компанијата за безбедносни камери во сопственост на Amazon, ја претстави Ring Robotics, нова линија уреди што сами се движат низ просторот. Првите два се Ring Drone Cam, летачка камера за внатре во домот и Ring Rover Cam, робот чувар наменет за бизниси.
Двата уреди работат со системот AI Pilot, кој според Ring комбинира камери, сензори и обработка во „облакот“. При поставувањето дронот го носите низ просторот, а роверот сам го истражува, по што системот прави план на просторот и предлага точки што треба да се проверуваат, како прозорци или каса.
Ring Drone Cam стои во својата база и полетува според распоред, по барање од апликацијата или автоматски кога ќе се активира некоја друга Ring камера, сензор или аларм. Снима 2K видео со видно поле од 148° и може да се врти 360°, а двете LED светла се вклучуваат кога е темно.
Ова не е првиот обид на Ring за ваков уред. Компанијата уште во 2020 ја претстави Always Home Cam, исто така по цена од 249,99 долари, која требаше да стигне на пазарот следната година, но никогаш не стигна до редовна продажба.
Ring Rover Cam, според Ring, првично е инспириран од повратните информации од корисниците на роботот Astro, кои најмногу го ценеле безбедносното патролирање. Роверот има камера на подвижен столб за да гледа преку пултови и полици, сирена, светлосна кула и двонасочен звук, а снима видео до 4K додека се движи. Amazon веќе имаат пробано со безбедносна верзија на Astro за бизниси, но ја прекинаа во 2024.

Ring наведува дека камерата на дронот е исклучена додека е во базата, а роверот има режим на спиење што го спушта столбот и го исклучува микрофонот. Двата уреди имаат светло што покажува кога снимаат, а видеата се заштитени со шифрирањето Throw Away the Key (TAKE). Ring дополнително признава дека пропелерите на дронот „не се тивки“, што го претставува како начин да се исплаши непоканетиот гостин.
Rover Cam ќе се испорачува во САД од 16 декември за 999,99 долари, а Drone Cam од 27 јануари 2027 за 249,99 долари. Дронот сè уште нема одобрение од американската регулаторна агенција FCC и не смее да се продава додека не го добие.
За закажаните летови и патроли е потребна претплата Ring Protect, а кај роверот и за повторното гледање на снимките, па цената на уредот веројатно не е и единствениот трошок.
Ring не соопшти дали уредите ќе стигнат надвор од САД.







































