Популарната платформа за видеоигри GOG официјално започна со работа на донесување на својата апликација GOG Galaxy на Linux, соопштувајќи дека веќе е ангажиран стручен кадар кој ќе ја води оваа иницијатива.
По претходните најави дека се отворени работни позиции насочени кон овој оперативен систем, од раководството потврдија дека процесот на развој е веќе започнат, што претставува директен одговор на долгогодишните барања од заедницата.
Копретседателот на GOG, Кшиштоф Паплињски, во изјава за GamingOnLinux, објасни дека поддршката за Linux е една од најчестите теми на разговор меѓу нивните корисници и нагласи дека сега во тимот имаат специјалист задолжен за овој сегмент. Според него, компанијата во моментов активно ги анализира техничките опции и го истражува најдобриот пристап за изведба и имплементација на апликацијата за Linux. Тој нагласува дека станува збор за сериозен и голем проект, поради што сè уште не можат да споделат конкретни датуми, временски рокови или поединечни резултати, но остануваат посветени на вложувањето време и ресурси во оваа област.
Иако платформата веќе нуди директно преземање на инсталациски датотеки за одредени игри што се поддржани на Linux преку својата веб продавница, официјалната апликација GOG Galaxy досега никогаш не беше достапна за овој оперативен систем. Со тоа, корисниците на Linux досега немаа можност да ги користат напредните функции што ги нуди софтверот, вклучувајќи автоматско ажурирање на игрите, синхронизација на зачуваните напредоци преку „облакот“ и следење на времето поминато во играње.
За крајните корисници, пристигнувањето на официјална апликација GOG Galaxy за Linux ќе значи поедноставено управување со колекциите на игри и полесен пристап до наслови без системи за заштита на дигитални права. Покрај преземањето на сопствениот каталог, GOG Galaxy функцинира и како централизирана платформа која им овозможува на играчите да ги обединат и да ги прегледуваат своите библиотеки со игри и од други дигитални продавници на едно место.
Компанијата најави дека ќе сподели дополнителни детали за напредокот на проектот кога ќе бидат подготвени за тоа.










































