Фото: Workbench Entertainment

Откако порано оваа година IGN го објави новиот трејлер за „Olga: Episode 1“, гејминг заедницата со нетрпение го очекуваше излегувањето на играта, а посебно затоа што истата е развиена од страна на македонско студио. 

Сега, чекањето официјално заврши. Од 9 септември, првата епизода од оваа инди авантура е официјално достапна за купување и играње преку Steam.

Workbench Entertainment, независното студио од Скопје, успеа да испорача наслов кој нуди интересен спој на мистерија и релаксирачка атмосфера. Дејството е сместено во измисленото планинско село Беловодица, инспирирано од македонската традиција и архитектура. Играчите ја преземаат улогата на Олга, која за време на нејзиниот престој кај нејзините баба и дедо открива дека навидум мирниот селски живот крие неочекувани тајни.

Првичните реакции на играчите се одлични. На Steam веќе пристигнуваат првите позитивни критики кои ја фалат визуелната презентација, приспособеното темпо и автентичната атмосфера која одлично ја доловува носталгијата по минатото. 

Бидејќи станува збор за наслов од македонски програмери, значајно е да се напомене дека играта доаѓа со целосна поддршка за македонски јазик во делот на интерфејсот и преводите.

„Olga: Episode 1“ е замислена како кратко, епизодно наративно искуство од прво лице. Фокусот е ставен на истражувањето и приказната, без акциони елементи или стресни ситуации, што ја прави идеална за љубителите на „walking simulator“ жанрот. 

За оние кои сакаат да ја испробаат, играта во моментов се нуди со промотивен попуст на Steam кој ќе трае до 23 септември. 

Ова е само почеток на приказната за Олга, а останува да видиме како тимот на Workbench Entertainment ќе го развива дејството во следните продолженија.