Фото: Mozilla

Mozilla во нова објава на блогот ги издвои функциите на кои работи за Firefox, од јавниот план за развој што го објави во јуни. Објавата доаѓа месец откако Firefox го доби новиот изглед со вратениот компактен режим.

Најинтересна новина е Mini Window, со која цел „таб“ или само дел од страница ќе може да се „извади“ во мал прозорец што лебди над другите. Според Mozilla, корисно е за рецепт или упатство што треба да остане пред очи.

Firefox на компјутерите и на Android наскоро ќе може и да ги чита статиите на глас. На Android доаѓа и режим без интернет, во кој статиите се зачувуваат однапред за да може да се читаат или слушаат подоцна.

На компјутерите Mozilla работи и на вградено претворање говор во текст, па страниците што ја користат оваа можност на Firefox ќе можат да понудат внесување со глас и титлови. Според Mozilla, страниците го добиваат само текстот, а звукот останува на уредот, па откако ќе се преземе моделот, ова ќе работи и без интернет.

Кај вградениот бесплатен VPN, кој засега е достапен на компјутерите и на Android, а за iOS стигнува „наскоро“, ќе може да се избере како работи за секоја страница посебно. Тој е достапен во 29 земји, но Македонија не е меѓу нив. Копчето „🔥“ од приватното прелистување, пак, ќе стигне и во обичниот прозорец на компјутерите, за брзо бришење на избраните податоци од прелистувањето.

Рокови нема, а Mozilla вели дека ќе ги споделува кога секоја функција ќе биде подготвена повеќе луѓе да ја испробаат.

Од веќе објавените новости, според Mozilla, вградениот прегледувач на PDF документи на компјутерите се отвора до 45% побрзо, без да се наведе во споредба со што. На Android лентата со „табови“ сега може да се премести најдолу, преку Settings > Customize, а на компјутерите е побрзо скокањето на друг дел од видеото. Сопствените позадини на страницата New Tab сега се зачувуваат во „Your images“.

Smart Window, делот на Firefox со вештачка интелигенција, на компјутерите доби можност да пополнува формулари со податоци од избраните „табови“ и да следи страница и да извести кога на неа ќе се промени нешто. Двете можности засега се само на англиски јазик, во бета верзијата во САД и Канада, па кај нас не се достапни.