Anthropic во понеделник го објави поднесокот S-1 до американската Комисија за хартии од вредност (SEC), со што официјално го започна излегувањето на берза, односно почетната јавна понуда (IPO). Компанијата која стои зад Claude моделите доверливо поднела нацрт уште на 1 јуни, а оттогаш го дополнувала пет пати.
Anthropic побарале акциите да котираат на берзата Nasdaq под ознаката „ANT“, а понудата ја предводат Goldman Sachs и Morgan Stanley. Цената по акција и бројот на акции сè уште не се наведени, па не е познато ни колку пари компанијата сака да собере. Во септември се пишуваше дека Anthropic би можеле да соберат до 100 милијарди долари, а Nvidia да вложи до 10 милијарди, но тие бројки ги нема во документот.
Документот сепак ги открива финансиите. Приходите во првата половина од 2026 година изнесувале 16,3 милијарди долари, наспроти 1,2 милијарди во истиот период лани. За споредба, за целата 2025 година Anthropic имале 4,6 милијарди долари приходи.
Оперативната загуба се намалила на 693 милиони долари, од 2,1 милијарди година претходно. Нето загубата за првите шест месеци, пак, е цели 80,7 милијарди долари, но од нив 72,4 милијарди се промена во вредноста на конвертибилните заеми и сличните хартии, која расте заедно со проценетата вредност на компанијата. Тоа значи дека најголемиот дел е сметководствена ставка, а не потрошени пари. Anthropic сепак предупредува дека можеби нема да постигне или одржи профитабилност.
Дополнително, до крајот на септември компанијата имала над 11.900 клиенти што во последните 12 месеци платиле 100.000 долари или повеќе, над 1.900 со најмалку милион долари и околу 250 со над 10 милиони. Бројот на вработени пораснал од околу 940 на крајот на 2024 година на околу 5.300, а според Anthropic, над 90% од придонесите во кодот на компанијата во септември ги напишал Claude.
Најмногу внимание привлекува структурата на управување. Седумте основачи, Дарио Амодеи, Даниела Амодеи, Том Браун, Џек Кларк, Џаред Каплан, Сем Мекендлиш и Кристофер Ола, преку посебна фирма ќе имаат една акција со 50,1% од гласовите на акционерите, без право на добивка. Мнозинството членови на управниот одбор, пак, ги избира Long-Term Benefit Trust, независно тело основано во 2023 година, кое моментално има четири члена, а едното од петте места е празно.
Anthropic тврди дека основачите се „посебно подготвени“ да ја чуваат мисијата на компанијата за одговорен развој на напредната вештачка интелигенција. Тоа сепак значи дека купувачите на акции ќе имаат многу мало влијание врз тоа кој ја води компанијата.
Во делот за ризици Anthropic наведува и дека и во самата компанија и надвор од неа, постои загриженост дека доволно напредните „AI“ системи без соодветна заштита би можеле да претставуваат „катастрофални или егзистенцијални ризици за човештвото“. Вакво нешто ретко се гледа во документ наменет за инвеститори.
Не е познато кога акциите ќе почнат да тргуваат. Оваа година инаку на берза излезе и SpaceX, која по преземањето на xAI е и директен конкурент на Anthropic.



































