Фото: Apple

Apple денес го претстави новиот iPad mini, кој по две години доби OLED екран, потенок дизајн и заштита од вода и прашина. Тоа е првиот од уредите што Марк Гурман ги очекуваше за крајот на октомври.

Екранот е зголемен од 8,3 на 8,5 инчи, а таблетот ги задржа речиси истите димензии благодарение на потенките рамки. Според Apple, светлината достигнува до 1.200 нити, но само кај HDR содржините. Стапка на освежување не се спомнува, па изгледа дека iPad mini и понатаму останува без 120Hz.

Новиот модел е дебел 5,4 мм и тежи 255 грама, наместо 6,3 мм и 293 грама кај претходникот. Тој има и IP67 сертификат, што според Apple значи до 30 минути на длабочина од еден метар во лабораториски услови, а оштетувањата од течности сепак не ги покрива гаранцијата.

Внатре е чипот A20 Pro, за кој Apple, според нивни тестови, наведуваат до 4,5 пати побрзи AI перформанси и до 2,7 пати побрза графика од претходникот. Сепак, 6-јадрениот процесор и двојниот „Neural Engine“ ги има само верзијата со 512GB, додека другите имаат 5-јадрен процесор.

Звучниците се сега вградени зад екранот, што помага и за заштитата од вода, а предната камера од 12MP е преместена на подолгата страна, за видео повиците. Дополнително, тука се Wi-Fi 7 и Bluetooth 6, а таблетот доаѓа со iPadOS 27. Siri AI според Apple ќе стигне во бета верзија со iPadOS 27.2, кој засега се тестира, а таа не е достапна во ЕУ и ја нема на македонски јазик.

Цената во САД почнува од 699 долари за Wi-Fi верзијата со 128GB, а моделот со мобилна мрежа чини 849 долари. Тоа е 100 долари повеќе од претходникот, кој по поскапувањето на Mac и iPad уредите во јуни чинеше 599 долари. Во Германија цената почнува од 749 евра.

Нарачките почнуваат во среда, 28 октомври, во 36 земји, а продажбата на 6 ноември. Apple не ја објавија листата на земји, а на нивните страници за Словенија, Хрватска, Бугарија, Грција и Романија засега е прикажан претходниот модел.

Не е познато кога новиот iPad mini ќе стигне кај нас.

Со OLED екранот и заштитата од вода iPad mini конечно ги доби долго очекуваните подобрувања, но со цена 200 долари повисока од онаа на претходникот при лансирањето, тој веќе тешко може да се нарече евтин мал таблет.