Фото: DepositPhotos

Сајтот ModelCompare, кој нуди споредување на одговорите од повеќе „AI“ модели на едно место, објави експеримент во кој 13 јазични модели ги прашале кој е нивниот најконтроверзен став за луѓето. Секој модел одговорил по три пати, без системски инструкции и без повторни обиди, а прашањето барало искрен „личен став“, без оградување.

Според ModelCompare, 32 од 38 одговори го кажале истиот став, односно дека луѓето повеќе ѝ се лојални на својата група отколку на вистината, па прво го прифаќаат нејзиниот став, а потоа измислуваат причини за него. Секој од моделите го дал овој одговор барем еднаш, а осум од нив сите три пати.

„Луѓето повеќе ѝ се лојални на припадноста отколку на вистината“, одговорил GPT-6.1 Sol, а Grok 4.7 напишал дека луѓето „повеќе сакаат да грешат заедно отколку да бидат во право сами“. Gemini 4 Argon човечката свест ја нарекол „PR“ оддел што смислува благородни оправдувања за основните еволутивни нагони.

Најголемиот исклучок бил Claude Opus 5.5, кој во еден од трите одговори тврдел спротивно, дека луѓето се многу попристојни отколку што мислат, а нивниот цинизам кон другите прави поголема штета од нивните вистински мани. Различни одговори дале и Claude Fable 5.1, GLM 5.3 и Mistral Large 4, кој бил најмрачен и свеста ја нарекол „еволутивен дефект“. Grok 4.7 еднаш одбил да одговори.

ModelCompare побарал и од шест модели за слики да го нацртаат својот најконтроверзен став за луѓето. Десет од 12 слики прикажале нешто друго, луѓе зависни од телефоните што ја трошат планетата, тема што не ја спомнал ниту еден од текстуалните модели.

Сепак, резултатите треба да се земат со резерва. Одговорите рачно ги групирале од ModelCompare, а групата е доста широка, бидејќи опфаќа секој одговор во кој луѓето ставаат припадност, статус или сопствената приказна пред вистината или принципите. Во неа влегол и одговорот на Kimi K3.1 Pro дека најголемата суровост доаѓа од погрешно насочена емпатија.

Дополнително, станува збор за само три одговори по модел, а прашањето бара „контроверзен“ став, па моделите веројатно посегнуваат по најпознатата критика за луѓето. Самиот сајт забележува дека и текстуалните модели и моделите за слики ја вратиле „најпознатата критика“, иако тоа не го поврзува со начинот на кој е поставено прашањето.

Според ModelCompare, моделите учат од многу сличен текст, па кога повеќе од нив ќе дојдат до ист став, во него „речиси сигурно“ има вистина. Покорисен е практичниот заклучок, дека поради оваа сличност барањето ставови од повеќе модели не носи многу повеќе ставови отколку од еден.