Exynos процесорите на Samsung со години заостануваат зад Snapdragon, а новите информации за Exynos 2700 повторно звучат амбициозно. Според агенцијата Yonhap, која се повикува на неименувани извори од индустријата, а подоцна и според Chosun Biz и други корејски медиуми, чипот во интерното тестирање на Samsung добил повисоки резултати од најмоќниот процесор на Qualcomm.
Exynos 2700 наводно постигнал околу 13.000 поени во тестот за повеќе јадра на Geekbench 6.5, наспроти околу 11.000 поени за Snapdragon 8 Elite Extreme Gen 6 во Xiaomi 18 Pro Max, што Yonhap го опишува како предност од околу 20%. Во Geekbench 7 разликата била околу 15%.
Наспроти стандардниот Snapdragon 8 Elite Gen 6, кој се наоѓа во Xiaomi 18 Pro, предноста во двата теста била 44% и 36%.
Кај графиката, Exynos 2700 бил околу 20% побрз од Extreme верзијата во максималните перформанси кај тешки игри со најнова графичка технологија, а околу 5% побрз во основните графички пресметки кај стандардните тешки 3D игри. Ниту еден од извештаите не наведува кои игри или тестови се користени.
Чипот го дизајнира одделот System LSI, а ќе се произведува во втората генерација на 2nm процесот на Samsung (SF2P). Подобрената HPB технологија за пакување, според Yonhap, го намалува загревањето и ги подобрува перформансите. Претходникот Exynos 2600 го користат дел од моделите од Galaxy S26 серијата и Galaxy Z Flip8 и тоа само на дел од пазарите, а Exynos 2700 треба да се најде во Galaxy S27 серијата, која се очекува на почетокот од следната година.
Бројките сепак значително се разликуваат од августовските информации, според кои Exynos 2700 бил 9,5% побрз од Extreme верзијата и 19% од стандардниот Snapdragon во истиот Geekbench 6.5 тест, но тогаш бројките беа опишани како проценки на компанијата. Не е познато дали станува збор за понова верзија на чипот или за поинакви услови на тестирање.
Дополнително, Chosun Biz пишува дека, бидејќи се работи за интерни резултати, перформансите и енергетската ефикасност кај вистинските телефони допрва треба да се проверат.
Samsung со години најавува враќање на Exynos во врвот, а ефикасноста досега беше нивната најслаба точка, па веројатно е подобро да се почека на независните тестови.







































