Фото: DepositPhotos

Logitech, производителот на глувчиња, тастатури и опрема за играње, го воведе „Logi Game Day“, посебен слободен ден што вработените можат да го искористат за играње видеоигри. Според компанијата, ова е првиот ваков ден на ниво на цела компанија во нејзината историја.

Logitech има околу 7.000 вработени ширум светот, а според Fortune правото го имаат сите, од редовно вработените до практикантите. Денот може да се земе во кој било момент од сега до истото време следната година, а играта ја избира самиот вработен.

Тајмингот сепак не е случаен. Најавата доаѓа девет дена пред излегувањето на GTA VI, која стигнува на 19 ноември за PlayStation 5 и Xbox Series X/S.

Фото: Logitech

Истиот ден Logitech G ќе организира пренос во живо од седиштето за Америка во Сан Хозе, а извршната директорка Ханеке Фабер за Fortune кажа дека и таа ќе игра. „Ако вработените одлучат слободниот ден да го поминат во Vice City на денот на излегувањето, од нас нема да слушнете поплаки“, додал портпарол на компанијата.

Logitech потегот го оправдува со сопствено истражување, според кое 81% од играчите велат дека играњето ги прави посигурни во справувањето со предизвиците во реалниот живот. „Време е да се отфрли стереотипот дека играњето е губење време“, изјави Фабер, додавајќи дека како компанија што прави производи за работа и игра, секој ден гледаат како едното го поддржува другото.

Ваквата порака, се разбира ѝ одговара на компанија што продава опрема за играње, а и истражувањето е нивно. Сепак, за разлика од многу маркетиншки потези, овде вработените навистина добиваат слободен ден.

Logitech веројатно нема да биде единствената компанија со празни канцеларии на 19 ноември. Според податоците на BambooHR за американски компании, стапката на барања за слободен ден за датумот на излегувањето на играта е речиси 13% повисока отколку за третиот четврток во ноември во претходните две години, иако дел од растот е општ, бидејќи оваа година барањата за слободни денови се зголемени за 2 до 4%.