Фото: DepositPhotos

Лоренцо Стоукс, еден од програмерите што работат на управувањето со меморијата во јадрото на Linux, ќе престане да прегледува туѓ код надвор од областите што самиот ги одржува. Причината ја наведе во серијата закрпи испратена на 10 ноември: „Поради сегашниот обем во јадрото што доаѓа од серии генерирани со вештачка интелигенција, за жал немам капацитет генерално да нудам преглед, освен во областите што ги одржувам.“

Со закрпите Стоукс бара да биде избришан како рецензент од неколку делови на меморискиот систем, вклучително и кодот за меморијата напишан во Rust. Сепак, останува одржувач на мапирањето на меморијата, на „madvise“ и на обратното мапирање, па во тие делови и понатаму ќе ги прегледува промените. Дополнително, запиша дека веројатно нема да се врати на THP, делот за големите мемориски страници каде бил коодржувач.

Во одговорот до Ендрју Мортон, кој на шега праша дали може да ја одбие закрпата, Стоукс опиша како се менувало темпото: „На почетокот одвреме-навреме гледав „slop“. Потоа барем еднаш неделно. Па на секои неколку дена. Денес тоа е речиси половина од она што го гледам, ако не и повеќе.“ Според него, бранот од „AI“ содржини е ужасен и значително се влошува.

Тој сепак додава дека најмногу сака да го намали шумот во сандачето за е-пошта и дека веројатно и понатаму ќе прегледува разни работи. Во друг одговор наведува и дека моментално е многу зафатен со KVM, делот за виртуелизација.

Колку е проблемот сериозен покажува и тоа што истиот ден Стоукс одговараше на серија „безбедносни“ пријави на листата. „Престанете да ја спамирате листата со вашиот нефилтриран AI „slop“. Праќате пријави за работи што се веќе поправени. Пријавувате небезбедносни проблеми како безбедносни“, напиша тој.

Ден претходно, неговиот колега Дејвид Хилденбранд се повлече засега од прегледите во делот за ослободување меморија, за да има „малку помалку шум во сандачето“. Стоукс одговори дека листата „во последно време е луда“ и дека можеби е време и тој да се откаже од дел од прегледите, што и го направи неколку часа подоцна.

Вакво нешто не изненадува. Линус Торвалдс уште од август зборува за „новото AI нормално“ во развојот, а Linux 7.4 доби речиси 20.000 промени за две недели, што и тој го поврза со алатките со вештачка интелигенција.

Тоа значи дека „AI“ алатките изгледа го забрзуваат пишувањето код, но бројот на луѓе што можат да го прегледаат не расте со исто темпо.