Фото: Depositphotos

Односите меѓу OpenAI и Apple, кои првично беа претставени како стратешки чекор за унапредување на вештачката интелигенција кај паметните уреди, се соочуваат со сериозни пречки. 

Според најновите информации објавени од Марк Гурман од Bloomberg, OpenAI веќе ја разгледува можноста за покренување правна постапка против технолошкиот гигант од Купертино. Главниот извор на незадоволство е тврдењето дека Apple не ги исполнил своите обврски од договорот, особено во делот на подлабока интеграција на ChatGPT во рамките на екосистемот на iPhone и Mac уредите.

Еден од клучните проблеми е слабиот ефект врз приходите на OpenAI. Иако се очекуваше дека соработката со Apple ќе донесе голем број нови претплатници на платената верзија на ChatGPT, резултатите на терен се под очекувањата. 

OpenAI смета дека Apple намерно ја поставил нивната технологија како секундарна опција во рамките на Siri, со што се ограничува видливоста на услугата. 

Дополнителен притисок создава и фактот што OpenAI веќе подолг период регрутира клучни кадри од инженерскиот тим на Apple за развој на сопствени решенија и производи. 

На ова треба да се додаде и соработката на OpenAI со Џони Ајв на развој на производ кој во иднина може да се покаже како сериозен конкурент на производите од Apple.  

Од друга страна, културата на тајност во Apple се покажала како голема пречка во развојниот процес. Инженерите на OpenAI имале многу ограничен пристап до техничките детали за тоа како нивниот модел ќе се прикажува пред корисниците, сè до моментот на неговото официјално лансирање. Ваквата изолација го оневозможила оптималното прилагодување на вештачката интелигенција за корисничкиот интерфејс на Apple. 

Иако двете страни сè уште одржуваат техничка соработка, потенцијалниот правен судир може значително да го промени начинот на кој овие услуги ќе им бидат достапни на корисниците во иднина.