
Пет години по лансирањето, Windows 11 сè уште има десетици прозорци и алатки што изгледаат како да се од Windows 95 или Windows 8, од „Device Manager“ и „Services“ до класичните поставки за глувчето и звукот. Сега Microsoft повторно потврди дека работи на нивна замена.
Џен Џентлмен од тимот на Windows минатата сабота објави дека ќе може трајно да се исклучи прозорецот за „Sticky Keys“ што се појавува по петкратно притискање на Shift, што засега е достапно во тест верзиите. Еден корисник во одговор побара сите стари Win32 прозорци и алатките од „MMC“ конзолата да добијат модерен изглед со WinUI, а „Control Panel“ целосно да се пресели во Settings.
Маркус Еш, корпоративен потпретседател за дизајн и истражување за Windows и уредите, одговори со „Забележано, работиме и на тоа“. Не кажа кога, ниту дали тоа се однесува на секој дел од барањето.
Вакво нешто од Microsoft не се слуша за прв пат. Еш во март напиша дека тимот гради алатки за модернизирање на повеќе стари прозорци, а Марч Роџерс, партнер директор за дизајн, во мај потврди дека ги препишуваат сите постари прозорци во WinUI 3. Според него, прозорецот за копирање датотеки е веќе готов, а на листата е и стандардниот прозорец за отворање и зачувување датотеки.
Дел од работата веќе се гледа во тест верзиите. Новиот прозорец за својства во File Explorer е изграден со WinUI 3 и има темен режим, а новиот „Run“ според мерењата на Microsoft се отвора за 94 милисекунди наспроти 103 кај стариот, но засега е опција што се вклучува рачно само во „Experimental“ каналот на „Insider“ програмата. Раководителот на Windows Паван Давулури во јули најави и нов прозорец за „AutoPlay“ и повеќе прозорци за својства во тест верзиите.
Најтешко веројатно ќе биде со „MMC“ алатките, кои според Windows Latest ќе мора да се градат одново една по една, иако новата верзија на „Print Management“ во тест покажува дека е можно. Тешко е и со „Control Panel“, чие преселување во Settings Microsoft го прави внимателно за да не се расипе поддршката за многуте мрежни уреди, печатачи и нивните драјвери.
Ова се вклопува и во фокусот на Microsoft на изворни апликации наместо веб технологии, па Windows 11 конечно би можел да изгледа како еден систем, но тоа сигурно нема да се случи наеднаш.






































